Од викендов Охрид е домаќин на петтата Меѓународна летна школа „ Направи разлика, стани европски креативен лидер на промени“. Денес пред учесниците на школата се обрати и заменик градоначалникот  Ангел Јанев, кој истакна дека Охрид, уште пред многу векови ја направил суштинската разлика помеѓу светлината на знаењето и темнината на неукоста.

– Благородната мисија на Светите Климент и Наум во описменувањето на населението од овој крај и штедрото ширење на истото на поширокиот Балкански регион, го сврстува Охрид како град светилник на писменоста, духовноста и културната размена со другите народи, како општо прифатени универзални човечки вредности за изградба на подобар свет. Верувам дека младите генерации Македонци и нивните врсници од другите земји, можат, на креативен, одржлив и одговорен начин да одговорат на предизвиците на денешницата. Одржувањето на оваа летна школа, убеден сум дека ќе ги сплоти и уважените професори и предавачи и студентите, во заедничката мисија да создадеме квалитетни и општествено одговорни лидери, со кои Македонија и регионот ќе имаат извесна и стабилна иднина за своите граѓани,  рече заменик градоначалникот Јанев.

Организатори на Летната школа се Економскиот факултет од Скопје при УКИМ и студентската организација АИЕСЕК , а Општина Охрид  логистички го подржува настанот.

OhridNews