Конференцијата, што ја организира Хидробиолошкиот институт од Охрид, се одржува секоја трета година и на неа учествуваат најеминентните научници од целиот свет. Годинава на СИАЛ 5 во Охрид присуствуваат 75 врвни научници од областа на заштитата на прастарите езера и лимнологијата од речиси сите европски земји но и од САД, Канада, Јапонија и Русија.
Главна тема на конференцијата е начините и аспектите на настанување на нови видови. Прастарите езера во светот, во кои спаѓа и Охридското Езеро, претставуваат акватични екоситеми кои покрај тоа што се одликуваат со висок процент на ендемизам и биодиверзитет, истовремено претставуваат и таканаречени „музеи на живи фосили“ бидејќи се населени со животински и растителни форми кои во минатото биле широко распростренети, а денеска ги има многу малку. Денес во овие езера опстојуваат организми кои постоеле пред неколку милиони години, и кои вообичаено на други места се среќаваат во фосилна состојба.