На Конференција чиј организатор е ИЗИИС, учествуваат повеќе од илјада научници, инженери, експерти по сеизмологија од Европа и прекуокеански држави, кои ќе дискутираат за остојбата на земјотресното инженерство во 21 век, но и сеизмичката сигурност на старите и на новите градби.
Во рамките на конференцијата во Охрид ќе бидат одржани специјални сесии, пленарни сесии со учество на 22 еминентни предавачи од САД, Јапонија, од европските земји, како и една посебна пленарна седница на која ќе бидат презентирани податоци од катастрофалниот земјотрес во Чиле. На петдневната Конференција, што се одржува во специјално направен шатор на паркингот пред хотелот „Метропол“, ќе бидат претставени повеќе од 600 научни трудови.
На конференцијата во Охрид за прв пат ќе биде доделена и награда за посебни заслуги во земјотресното инженерство, што годинава ќе ја понесе Теодосиос Тасиос, професор од Националниот технички универзитет во Атина.