Оваа година Охрид ќе биде домаќин на меѓународен салса фестивал во Македонија, наречен „Хола Охрид“. Настанот ќе се одржи во организација на танцовиот клуб „Сонриса“, во периодот од 21 до 23 август, во хотелот Конгресен Центар, каде своето знаење ќе го пренесат инструктори од Куба и соседните Балкански земји.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат работилници и танцови забави, водени од вкупно тринаесет артисти кои доаѓаат надвор од нашите граници – десет инструктори и тројца познати латино Ди Џеи. Артистите доаѓаат од далечната Куба, како и од Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Полска. Фестивалот официјално ќе го посетат речиси 200 гости од Македонија и странство, од кои голем дел доаѓаат од Европските земји.

Дневната програма ќе опфати едукативни работилници од танцов карактер, ќе се изучуваат техниките и тајните на сите кубански танци, како Салса, Румба, Оришас, Регетон, Руеда де Казино и многу други. Вечерната програма се состои од забави од отворен карактер, достапни и за сите оние кои нема да бидат дел од семинарот, а сепак ќе сакаат да уживаат во шоуто кое ќе го понудат артистите. Во програмата на фестивалот е организирана и тура преку која гостите ќе добијат можност да ги откријат убавините на градот Охрид.

Организаторите очекуваат  настанот „Хола Охрид“ да ја одбележи 2015 година на македонската танцова сцена, како и да прерасне во традиционален забавен викенд-настан во градот Охрид.

Танцовиот Клуб Сонриса постои веќе 3 години и брои повеќе од 200 членови. Активно ги изучува латино танците, со фокус на кубанските танци и кубанската култура.  Инструктори и основачи на танцовиот клуб се Димитар Мишев и Нина Лековска, кои имаат долгогодишно искуство во посета и учество на голем број фестивали надвор од нашите граници, како во Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Тунис, и други.

OhridNews