Во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, во Охрид се одржува вториот меѓународен научен собир Македонско-хрватски книжевни и културни врски.
На дводневниот собир учествуваат 45 истакнати академици, професори и научници од Хрватска и Македонија. Ќе бидат презентирани научни трудови од областа на книжевноста, јазикот, драмата, театрологијата и културата воопшто. Собирот што ќе се одржа во Конгресниот центар во Охрид претставува продолжение на првиот меѓународен собир Хрватско-македонски книжевни и културни врски, кој се одржа во Риека на 26 и 27 септември 2006 година.
Се очекува овој научен собир да придонесе за културно поврзување на двете пријателски земји и за поинтензивна научна и образовна соработка помеѓу универзитетите во Хрватска и во Македонија.