Конференцијата е во организација на Министерството за информатичко општество, во соработка со Министерството за образование и наука, а под покровителство на Интел корпорацијата. Примарна цел на конференцијата е да се разменат искуствата и најдобрите практики во спроведувањето на ИКТ во образованието, а еден од главните фокуси ќе биде да се претстави и напредокот што Македонија го има направено во процесот на развој на информатичкото општество.
Официјалното отворање на конференцијата ќе биде на 8 јуни, а за времетраењето на конференцијата планирано е да се одржат повеќе панел дискусии на теми како што се електронските содржини, тренинг, техничка имплементација и.т.н. На конференцијата е најавено обраќање на потпретседателот на Интел, Џон Дејвис, а поканети се министрите за информатичко општество и за образование од Балканот, како и министрите од земјите од Источна Европа.
Во извештајот што во мај беше публикуван за пропорционалноста ученик-компјутер, Македонија со однос 1,4:1 е лидер во регионот. За разлика од земјите во регионот, во основните и средните училишта во Македонија имаат пристап до широкопојасен интернет, а заедно со Црна Гора се единствените држави каде постојат задолжителни ИКТ наставни содржини во сите образовни нивоа. Лидер во односот ученик – компјутер е Шведска со сооднос 3:1.