Охрид ќе биде домаќин на Бизнис Форумот за рециклирање пластика кој ќе се одржи на 18. и 19. овој месец во хотелот „Белви“ во организаија на Институтот за надворешна трговија при Амбасадата на Република Италија и Проектот за рециклирање пластика на УСАИД поддржан од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

На Форумот ќе бидат презентирани последните италијански и европски трендови и технологии од областа на рециклирањето пластика како и моделите и искуствата од практикувањето на јавно-приватното партнерство во рециклирањето на пластиката и управувањето со отпадот воопшто. Во рамки на дводневниот Форум предвидени се и бизнис средби со италијански фирми, лидери во производството на технологија за рециклирање на ПЕТ амбалажа. Освен италијанските и македонските фирми од секторот за рециклирање, на Форумот ќе учествуваат и директори на комунални претпријатија, градоначалници на општини, претставници на Асоцијацијата на даватели на комунални услуги (АДКОМ), Министерството за животна средина и просторно планирање и ЗЕЛС. Потврдено е и присуството на тројца италијански експерти за јавно-приватно партнерство од Владата на Р.Италија кои ќе ги презентираат нивните искуства за ЈПП во управувањето со отпад.

Завршувањето на Бизнис Форумот ќе биде означено на симболичен начин на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ на 19. Јуни во 16 часот кога, во присуство на Амбасадорот на Р.Италија, Донатино Маркон и директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Г-ѓа Патриша Рајдер, градоначалникот Александар Петрески и раководителот на Проектот за рациклирање пластика при УСАИД, Аријан Тоска   ќе го потпишат Меморандумот за соработка помеѓу општината и УСАИД за реализација на програмата за рециклирање пластика на подрачјето на општина Охрид.

ohridnews