Во Охрид денес и утре на големиот фудбалски терен при СРЦ „Билјанини извори“ се одржува  фудбалски младински турнир „Охридски фудбалски надежи“. Настанот се одржува прв пат во организација на Општина Охрид и Сојузот на училишни спортови, а под покровителство на градоначалникот Кирил Пецаков.

Огромно е задоволството да се присуствува на отворањето на првото издание на фудбалскиот младински турнир „Охридски фудбалски надежи“ што го организира Општина Охрид, а на кој учествуваат 550 деца од генерацијата 2010- 2015. Велат дека една од најважните споредни работи на светот е спортот. Спортот има многу важна улога во активното користење на слободното време, а за многумина претставува професионална определба и животна пасија. Секој спорт е добредојден и за телото и за духот, а посебно фудбалот како спортска дисциплина е интересен за најмадите, рече Пецаков.

Спортските активности, додаде, во современите општествени услови претставуваат интегрален дел од човековата дејност заради остварување на одредени општествени цели во областа на образованието, воспитувањето, културата, здравството, социјалната политика, одбарната и безбедноста, а во извесна мера и во афирмирањето на националните вредности.

Спортот е оној кој нè обединува, кој нè прави горди и достоинствени, кој нѝ го покажува патот за здрав и квалитетен живот. Со други зборови, спортот го потикнува и доброто расположение и помага да останеме во добра работна форма. Во динамичнава денешница, каде постојано сме во трка со слободното време, сите треба да го прифатиме спортот како еден од механизмите за водење здрав живот. Затоа и заеднички треба да живееме во склад со слоганот: доброто здравје кое доаѓа од здравиот дух и здравото тело значи здрава нација. Токму поради значењето на спортските активности за човечкото здравје и општествениот развој Општина Охрид и во иднина ќе организира,а јас ќе бидам покровител на вакви спортски случувања, потенцираше Пецаков.

Изрази надеж ова спортско случување да добие традиционален карактер и до година да биде уште помасовно.

На турнирот ќе настапат 36 екипи од Охрид и регионот.

OhridNews