Знаењето е златната скала што води кон небото, знаењето е светлината што ни го осветлува патот низ животот и нè води во живот полн со вечна слава, со овие зборови претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски ја отвори 31. Балканска олимпијада по информатика (БОИ) во Охрид во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) на која учествуваат информатичари од 15 земји.

Општина Охрид ги препознава важноста и улогата на образованието и науката во своите развојни процеси и затоа со гордост е домаќин на најдобрите средношколци. Посакувам огромен успех на сите учесници како резултат на нивната континуирана работа со нивните ментори и на нивниот талент и нивната посветеност, рече Божиновски.

Проф. д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија, на презентацијата на агендата за олимпијадата, ја потенцираше долгогодишната посветеност на организацијата за промовирање на постигнувањето исклучителни резултати во областа на информатиката.

Тој ја истакна улогата на БОИ во поттикнувањето на соработката меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.

БОИ 2024 е натпревар меѓу новите генерации информатичари кои решаваат задачи поврзани со алгоритми и програмирање со цел да ги покажат своите технички способности.

Домаќин на натпреварот во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа е Охрид.

OhridNews