До крајот на годината, во Охрид ќе почнат со работа два центри за Рехабилитација, Едукација и Сензорна интеграција наменети за ран третман на деца со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Едниот центар, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години се наоѓа во охридската Општа болница, а другиот наменет за повозрасни лица, се наоѓа во Специјална Болница за Ортопедија и Трауматологија Св. Еразмо. Центарот во болницата Св.Еразмо ќе биде отворен на 22 ноември, додека во Општата болница на 4 декември.
Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“, кој е непрофитабилна и хуманитарна асоцијација. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство на Р. С. Македонија, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на Центрите е финансирано од страна на Амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.
OhridNews: Со што ќе располагаат центрите?
„Во мојот свет“: Центрите располагаат со канцеларија, соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Сензорната соба располага со соодветна опрема која помага во стимулирањето на основните сетила кај детето. Опремата ја контролира терапевтот на тој начин што ги одредува стимулациите за секое сетило со помош на прилагодена индивидуална програма. Сензорната соба е опремена со меки ѕидни и подни душеци, перници, разновидни лулашки, топки со различна големина, тегчиња, справи за качување и симнување, тактилни подлоги, трамболина, тобогани, базен со топчиња кои помагаат за стимулирање на повеќе подрачја: тактилни, аудитивни и визуелни способности. Мултисензорната соба е наменета за децата да се чувствуваат сигурно и опуштено во своето опкружување и да ги поттикне на интеракција со околината, за таа цел се применуваат разновидни бои, мириси, вибрациии, звукови, туби кои се исполнети со вода низ кои се движат меурчиња и топчиња во разновидни бои и придонесуваат за воспоставување на визуелен контакт со детето, светлечки оптички влакна, масажери, ќебе со тежина, светлосни пројектори на ѕидовите, ротациска диско топка, огледала со фолија кои ги појчуваат ефектите на останатата опрема.
OhridNews: Дали веќе е обезбеден кадар кој ќе работи и за каков стручен кадар станува збор?
ВМС: Стручниот тим кој ќе работи во Центарот се состои од: специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Во центарот во Скопје веќе соработуваме со Прим. Д-р Мери Бошковска, психијатар за деца и млади, и ќе ја продолжиме соработката со тоа што ќе учествува и во центрите во Охрид. Д-р Мери Бошковска ќе учествува во подготвувњето на програмите за ран третман, односно рани интервенции на секое дете, како и супервизија на работата на стручните работници и систематско следење на терапевтскиот тек. Спроведува и психолошко – едукатвни совети со родителите во врска со манифестните проблеми, се со цел третманите да придонесат за подобрување на целокупното функционирање на децата.
OhridNews: Дали се предвидени одредени обуки наменети за семејствата?
ВМС: Досегашните искуства и праксата ни помогна да согледаме дека од голема важност е да родителите/ старателите се соодветно обучени со цел активно вклучување кон подобрување на способностите и животото на децата со аутизам, со што би се намалиле последиците од потешкотиите во развојот и попреченоста, и ќе придонесеме кон вклучувањето и унапредувањето на децата со посебни образовни потреби во во нашето општество.
Аутизмот не го засегнува само детето туку влијае и врз семејството, и неговата динамика, со што како последица се јавува зголемена анксиозност. Со предавањата/ обуките на родителите ќе се подобри соработката помеѓу родител-терапевт, а со тоа напредокот ќе биде поголем. Обуките за родителите се од голема важност, родителите ќе можат да ја продолжат едукацијата и во домашни услови, што ќе резултира на поголема ефикасност и самостојност на децата.
OhridNews: Како ќе се финансира центарот?
ВМС: Во Центарот ќе се спроведуваат индивидуални логопедски и дефектолошки третмани. Предвидено е еден таков третман да трае 45 минути дневно, а за тоа колку пати неделно ќе доаѓа детето, ќе зависи исклучиво од неговата состојба. Пред да се започне со третманите, се прави евалуација на детето за проценка на неговиот развој, и способностите со кои располага. Штом истата ќе се утврди, се прецизира соодветна програма по која ќе се работи со детето, како и колку третмани се потребни за подобрување на состојбата на детето. Цената на третманите сеуште не е одредена, а Здружението веќе работи на тоа да се обезбедат Социјални пакети за бесплатни третмани на децата.
OhridNews: Години наназад во Охрид се најавува отварање на центри за аутизам, но досега и покрај големата потреба, ниту еден од најавените проекти не е реализиран. Како дојде до тоа да се реализира идејата да отворите центар токму во Охрид?
ВМС: Напорите на Здружението се насочени кон тоа да се отворат што е можно повеќе вакви Центри низ целата Земја. Со отварањето на овие два Центри предвидено е да се опфати еден поголем Регион од Македонија, вклучувајќи ги градовите Охрид, Струга па и Кичево. Позитивното искуство од ваков Центар во Скопје, како и позитивните резултати кај многу од дечињата беа движечки фактор кон отварање на вакви Центри низ Македонија. Посебно сме горди на успешното финализирање на овој проект кој е од исклучителна важност за лицата со Аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства и што конечно Охрид ќе добие 2 современи Центри за Аутизам.
OhridNews: За кого се ќе биде наменет?
ВМС: Центарот за сензорна терапија Во мојот свет ќе биде наменет пред се за децата со аутизам, аутистичен спектар на нарушување, АДХД, деца со сензорни нарушувања, оштетување на ментален и говорно јазичен развој, пречки во учењето и проблеми во однесувањето. Исто така центарот ќе биде наменет и за родителите. Родителите ќе учествуваат во активности кои ќе го зголемуваат нивното знаење за сетилата и како тоа влијае врз нивните деца со аутизам. Родителите ќе се охрабрат да соработуваат заедно со стручните лица со цел за напредокот кај децата.
OhridNews: Нешто повеќе за здружението „Во мојот свет“ кој е носител на проектот…
ВМС: Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром ВО МОЈОТ СВЕТ е непрофитабилна и хуманитарна асоцијација која има богато портфолио на проектни активности од општествено корисен и хуманитарен карактер. Како движечки и мотивирачки фактор во своето работење здружението ја има својата однапред утврдена мисија, а тоа е помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства како по однос на терапии, третмани, дијагностика и инклузија така и по однос на сите нивни права во сите сфери на општественото живеење. По 5 годишно активно залагање за подигање на свеста за Аутизмот, Здружението го отвори првиот Центар за Сензорна терапија за деца со аутистичен спектар на Нарушување во Скопје, кој веќе трета година успешно функционира. Истиот беше изграден и опремен со големо залагање и помош на бизнис заедницата во Р. Македонија, а доделен од страна на Министерството за одбрана на Здружението Во Мојот Свет. Истовремено Владата на Бугарија преку амбасадата во Македонија на здружението му додели опрема од двете најреномирани фабрики во светот, за ваков тип опрема.
Т.Кувенџиска