Истакнати пијанисти од Јапонија, Германија, Унгарија, Русија, Јужна Кореја, Босна и Херцеговина и Србија ќе бидат дел од првото издание на фестивалот „Piano Summer Ohrid“ кој ќе се одржува во Охрид од 17-ти до 27-ми август годинава.
Во рамки на фестивалот ќе се организира и Меѓународна летна академија за пијано која ќе ја води истакнатиот германски пијанист и музички професор Клаус Шилде.
Клаус Шилде
-На академијата свое учество ќе земат веќе етаблирани имиња во пијано музиката како што се Димитриј Романов од Русија, Хјун Сон Текин од Јужна Кореја, Масако Сакаи од Јапонија и други музички уметници. Врвните пијанисти ќе дојдат во Охрид благодарение на уметничкиот директор на фестивалот, пијанистот Зоран Имшировиќ, кој потекнува од Босна и Херцеговина, но во моментов живее и работи во Германија, вели Јана Бегин од Здржението за афирмација на музичката култура „Клавирско лето“ од Битола, кој е организатор на овој фестивал.
Хјун Сон Текин
Таа објаснува дека освен едукативиот дел, фестивалот ќе вклучи активности кои што ќе имаат за цел да ја промовираат пијано музиката и да ја збогатат кулурната понуда во Охрид.
-Покрај едукативните часови кои што ќе се одржуваат во просториите на музичкото училиште во Охрид, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во салата на општина Охрид и во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“. За свеченото отворање и затворање на фестивалот се предвидени два гала концерти, кои ќе се одржат во црквата „Света Софија“. Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржува на отворено, на локација во центарот на Охрид, најавува Бегин.
Исто така во склоп на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат музичарите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.
Марија Динов
Бегин вели дека оранизаторите го избрале Охрид како место за одржување на фестивалот бидејќи биле воодушевени од неговата убавина.
-Нашето здружение има седиште во Битола, но дел од неговите основачи живаат и работат во Германија. Како место за одржување на пијано фестивалот го избравме Охрид поради неговата уникатна природна убавина и големата историска и културна вредност. Со се што поседува овој град е вистинска инспирација за уметност, па токму поради тоа сметавме дека истиот е совршено место за одржување на еден ваков фестивал. Нашата цел е овој фестивал да прерасне во традиционална културна манифестација и да стане дел од културните настани по кои Охрид е препознатлив во светот, истакна Бегин.
Таа изрази задоволство од соработката со Општина Охрид и со Музичкото училиште, како и со Министерството за култура на Република Македонија.
Е.М