Охрид ќе добиe пливачки маратон на 10 километри, кој од 2004 година е помеѓу натпреварувачките дисциплини на Летните Олимписки игри. Подготовките за премиерното издание на маратонот кој ќе се одржи под капата на Светската пливачка федерација (ФИНА) на 12 август во 12 часот се во полн ек, информираат од Пливачкиот клуб „Охридски Бранови 2008“.

– Градот Охрид и Република Македонија за прв пат во историјата ќе имаат прилика да организираат пливачки маратон на 10 километри, кој е олимписка дисциплина. Ние како охриѓани треба да бидиме почестени, но малку и жалам бидејќи ова можеше да се случи многу, многу порано, затоа штои од 2004 трката на 10 километри е олимписка дисциплина. Сега кога се официјализираше организацијата на маратонот сакам да им се заблагодарам на луѓето од Светската пливачка федерација (ФИНА) со кои отворено разговаравме околу сите детали и на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), кој логистички ќе не подржува максимално. – изјави Александар Маленко, кој е иницијатор и дел од организацијата на олимпискиот маратон во Охрид.

Трката ќе биде кружна и ќе се одржи покрај кејот на Охридското езеро на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта. Еден круг ќе биде 1 километар, а пливачите ќе треба да испливаат вкупно 10 кругови.

-Ќе биде новитет за охриѓани и за туристите кои тогаш ќе бидат во Охрид. Ќе се плива кружно покрај брегот на Охридското езеро со што трката ќе може да ја гледаат сите. – додаде Маленко. 

Годинава, новиот спортски настан во Охрид ќе биде под лупа на ФИНА. Позитивна оценка за Олимпискиот пливачки маратон во Охрид би значело многу.

– Маратонот кој го организираме оваа година ако помине со позитивна оценка од Светската пливачка федерација (ФИНА), од следната ќе влезе во квалификациони маратони за Олимписките игри и на програмата ќе биде на почетокот од месец јули после маратонот во Сетубал, Португалија. Доколку, пак, добиеме во наредните три години позитивни оценки тогаш за Олимпијадата во Токио 2020 година на охридскиот маратон на 10 километри ќе учествуваат 250 пливачи бидејќи таа трка практично ќе претставува последна можност за квалификација на олимпијадата.- истакна поранешниот пливач и учесник на Олимпијадата во Атланта. 

Маленко потенцираше дека Олимпискиот пливачки маратон нема да му парира на традиционалниот Охридски пливачки маратон кој се плива од Св. Наум до Охрид. – Традиционалниот Охридски пливачки маратон нема да изгуби ништо од организацијата на маратонот на 10 километри. Последниве години опаѓа интересот за големите маратони, односно маратоните кои не се вреднуваат резултатски на светско или олимписко ниво.-рече тој.

Низ Охрид нема да има билборд или реклама за премиерното издание на Олимпискиот пливачки маратон, што не е случај и во Македонија.

– За жал не најдовме разбирање од надлежните во градот да ни ослободат билборд на кој ќе го рекламиравме маратонот на 10 километри. Со „Медија груп“ направивме се што беше потребно и ќе ставиме билборди на автопатите низ цела Македонија, во главниот град и на сите гранични премини. – истакна еден од иницијаторите за одржување на Олимпискиот маратон во Охрид.

За првото издание на Олимпискиот пливачки маратон организациониот одбор обезбеди вкупна парична награда од 3 000 евра во машка и женска конкуренција.

– Покрај паричните и стандардните технички работи кои следуваат за еден спортски настан со олимписки карактер ќе има многу изненадувања од спонзорите. Јас искрено се надевам дека охридските медиуми ќе не поддржат и сите заедно да ја истуркаме оваа приказна. – заврши Маленко.

Г.М./Мх.П.