Во општата болница во Охрид денеска беше отворен првиот центар за палијативна нега. Овој проект требаше да започне во 2017 година, но тоа се случи порано, а токму во Охрид е првиот центар за палијативна нега, изјави министерот Никола Тодоров.

-Станува збор за центар во којшто ќе се третираат тешко болни лица во завршните денови од животот. Проектот го започнавме заради тоа што има еден тренд на стареење на населението во Македонија, кој е присутен и во Европа и поради тој тренд се повеќе ќе расте потребата од ваков тип на центри во кој ќе се третираат лица во терминална фаза и коишто претставуваат исклучитечно голем проблем да се згрижуваат во домашни услови, а не се ниту за болничко лекување затоа што болеста е толку прогресирана и останува само палијативната нега да се дава на тие пациенти.-рече министерот Тодоров.

Тој истакна дека Центарот за палијативна нега во Охрид на почеток ќе функционира во помали простории со шест кревети со тенденција во иднина да се прошират неговите капацитети, но и да се отворат што поголем број вакви центри и во другите градови во државата. 

Директорот на општата болница во Охрид д-р Љубен Арнаудов истакна дека отворањето на центарот за палијативна нега е неопходност посебно за Охрид.

Населението во Охрид старее, ние имаме искуство и со геријатрискиот оддел и знаеме колку е тешко да се постапува со стари и изнемоштени лица, терминално болни и неизлечливи лица кои бараат посебна нега, а ние имаме обичен кадар и ќе бидеме на ниво на задачата.-изјави Арнаудов.

Згрижувањето на пациентите во центарот за палијативна нега ќе биде на товар на државата.

Г.Момироски