Општина Охрид има рок до февруари наредната година да ги спроведе препораките на УНЕСКО за заштита на природното богатство, одлучи Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на сесијата што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку.

На расправата што заврши околу 14 часот, претставниците од повеќето земји се согласија позитивно да одговорат на барањето на македонската делегација за одложување на одлуката за ставање на Охрид на Листата на заштитени подрачја во опасност и да дадат нов временски рок за постапување по 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети.

Мораториум на легализациите на дивоградби, рушење на нелегално изградените објекти во заштитеното подрачје, носење на законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување, се меѓу барањата на кои е ставен најголем акцент. Притоа, УНЕСКО потенцира дека треба да се исполнат сите останати наведени барања, за што од страна на македонската влада до комитетот, заклучно февруари,  треба да се испрати извештај за реализираното. Комитетот на наредната сесија што се очекува да се одржи идното лето повторно ќе расправа за прашањето на Охрид и повторно ќе одлучува дали да го стави на листата на загрозени подрачја.

Истовремено, денес, комитетот донесе одлука за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.

OhridNews