Познатиот изработувач на оригинален Охридски бисер, Михајло Филев и неговото семејство денес на Охрид и Македонија им подарија уште еден вреден подарок-мал музеј во кој посетителите ќе имаат можност да купат, но и да научат за изработката на бисерот.

Ќе ги презентираме сите алатки кои ги користиме при изработката, а изложени се и фотографии со еминентни, познати луѓе кои не посетувале во минатите години. Со еден збор, ова е мала бисерна соба, која ќе биде нова содржина, нова понуда за да се презентира бисерот пред туристите и пријателите од Македонија, вели сопственикот Михајло Филев.

Михајло е претставник на четвртата генерација од фамилијата Филеви, која со изработка на оригинален Охридски бисер започнала во далечната 1928 година.

Продавниците на Филеви низ годините ги посетиле многу познати личности. Нивните бисери ги носат членови на кралски семејства, принцези, познати актерки, музички ѕвезди, како и голем број други вљубеници во прекрасно изработениот накит на ова семејство.

Т.К.