Од оваа академска година во Охрид, во објектот во кој е сместен универзитетот „ Св. Апостол Павле“, почнува со работа Институтот за филм- Филмска академија, како резултат на повеќегодишната соработка на владата и ФАМУ, престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.

Ова е единствената соработка на ФАМУ од ваков вид со друга земја и затоа сакам да им се заблагодарам на членовите на интернационалниот тим составен од претставници од ФАМУ и министерството за образование кои напорно работеа со цел еден ваков институт да стане реалност. Филмската академија во Охрид е јавна научна установа формирана од Владата која како придружна членка на универзитетот „ Гоце Делчев“  од Штип нуди постдипломски програми на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција, информира заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристески.

Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, која позади себе брои влијателни режисери и сценаристи , меѓу кои и македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков.

Со отварањето на Филмската академија Охрид ќе зазема значајно место на светската филмска мапа затоа што тука ќе се образуваат кадри не само од Македонија туку и од земјите од регионот, а вештините од прашката школа ќе им ги пренесуваат познатите имиња од престижната ФАМУ. Ќе се зголеми промоцијата на Охрид во светот како  развиен туристички, стопански и образовен центар кој на темелите на културното и историско минато успешно ја гради својата иднина, изјави градоначалникот Никола Бакрачески по повод отварањето на Филмската академија.

Професорот Томаш Петрањ потенцира дека идејата за формирање на акдемијата потекнала од познатиот македонски режисер Иво Трајков со кого заедно студирале на ФАМУ.

Идејата за формирање на оваа филмска каадмеија дојде од мојот пријател Иво Трајков од ФАМУ со кого студиравме заедно пред 29 години , и сега стана реалност по седум години напорна работа со помош на владата министерството за образование . Наскоро планираме да отвориме и докторски студии кои ќе бидат водени од ФАМУ и ќе се посветиме на истражувачката работа. Годинава на акдемијата ќе има две катедри, а од следната година ќе бидат отворени и катедри за режија, камера и катедра за монтажа и звук, објаснува Петрањ.    

Наставниот кадар на охридската Филмска академија освен редовните, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ.

Од  денес  до 4- ти октомври со пополнување на електронска пријава преку интернет страната www.filmacademyohrid.com започнуваат уписите на втор циклус на студии на Филмската академија .По завршувањето на рокот за електронско пријавување врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со канидатите кои ќе се реализираат на 13- ти и 14- ти октомври, он лајн или во просториите на академијата стручен тим ќе изврши селекција на идните студенти.

Министерството за образование ќе додели и дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии по сценаристика и драматургија или креативна продукција. За стипендија можат да аплицираат кандидати од Македонија и од странство.

За да се квалификуваат за стипендирање кандидатите најпрво треба да го поминат селекциониот процес за упис на институтот. Потоа кандидатите чија што пријава ќе биде прифатена од институтот целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање како и формуларот за аплицирање кои се објавени на порталот за доделување стипендии  www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на министерството најдоцна до 30.10.2015.

Академската година за избраните и стипендирани постдиплоцмци ќе започне во текот на месец ноември.

Т.К.