„Охрид на брегот на вечното езеро“ е насловена ексклузивната џебна фото-публикација која излезе од печат неодамна и ќе има за цел да придонесе во туристичката промоција на Охрид. Автори на оваа промотивна книга се искусниот фотограф Петар Боев и долгогодишниот туристички водич Пател Џингис.
-Идејата за создавање на овој водич за патување низ фотографии е базирана врз основа на фактот дека да живееш во Охрид е привилегија и благослов, а правењето на книга за него е можност за оддавање на еден вид благодарност кон него. Исто така со ова издание се надеваме дека ќе придонесеме за популаризирање и споделување на ова прекрасно место на Земјата со пошироката публика. Книгата е направена преку очите на еден фотограф и приказните на еден туристички водич, врз основа на долгогодишното искуство во професиите, вели Петар Боев.
Фотопубликацијата е на англиски јазик, содржи висококвалитетни фотографии и е дизајнирана во согласност со најсовремените трендови за изработка на ваков тип на промотивен материјал. Публикацијата е поделенa во три тематски целини Езеро, Град и Планина, а паралелно со фотографите се објавени и информативни текстови за историјата на Охрид и неговите знаменитости.
-Преку објавениот текст во публикацијата сакавме да го прикажеме туристичкото богатство на Охрид јасно и концизно. Водевме сметка во рамки на текстот да има што повеќе интересни детали, податоци и приказни кои не се многу често јавно публикувани се со цел публикацијата да биде интересна за туристите. На неколку последователни страници во изданието е направен „Time line“ преку кој во кратки црти се прикажани сите најважни сегменти од минатото на Охрид, вели Пател Џингис кој е автор на текстот.
Тој објаснува дека подготовката на публикацијата траела неколку години и е работена со многу љубов.
Авторите се надеваат дека фото-публикацијата ќе ги исполни критериумите за туристички промотивен материјал и дека ќе биде од голема корист за промоцијата на Охрид. Планирано е истата да биде понудена на содветните надлежни институции за промоција на туризмот, туристички работници и организации.
Авторите искажаа благодарност до сите покровители кои го поддржале издавањето на фото-публикацијата и изразија надеж дека во најскоро време истата ќе биде испечатена и на други странски јазици.
Дел од публикацијата може да се разгледа на следниот линк.
Е.М