Продолжува трендот на подобрување на туристичката понуда за гостите и туристите во Охрид. Нов концепт, одличен амбиент, модерно уредени соби кои ги задоволуваат светските страндарди и потребите на модерниот турист, нуди новата охридска туристичка приказна – вила „Мистик“ (MYSTIC), лоцирана на само еден километар од центарот на градот.
Уште при самиот влез може да се забежи зошто просторот носи такво име. Тој нуди уживање и комфор истовремено, но и мистика која ве носи кон убавиот поглед на Охридско Езеро и калето.
Продолжуваме една успешната приказна која години нананзад ја испишуваме со пабот „Даблин“ на градскиот кеј. Овој пат во поинаков концепт кој покрај услугата ќе нуди и сместување. Цел живот сум угостител, оттука некако спонтано се наметна и желбата за уште еден чекор напред кога е во прашање туризмот. Охрид е туристички град и нормално е дека треба да се стремиме сите ние кои тука живееме да придонесеме за развој на истиот, бидејќи тоа е од корист и на градот и на нас како поединци кои живееме и езгиститраме тука. Со понудата на квалитетно, модерно сместување и сите пропратни содржини, се надеваме на привлекување гости кои ќе летуваат, но и зимуваат на Охридското крабрежје, вели сопственикот на вилата, Аце Савески.
Додава дека целта е гостите кои ќе се сместат тука да се чувствуваат пријатно, топло и комфорно. Поради тоа ресторанот во склоп на вилата е концепиран исклучиво во функција на внатрешните гости, односно е од затворен тип.
Гостите ќе можат да појадуваат тука, да се напијат кафе, чај, но и да уживаат покрај отворениот базен на сепарињата, да се чувствуваат како да се дома. Ќе понудиме дополнителни услуги од типот на авантуристички тури низ планина, прошетка со катамаран по езеро, значи ќе има една комплетна понуда на сместување и услуги. Се што ќе посакаат да можат да го добијат овде. Ова ни е фамилијарен бизнис, ќе работиме јас, сопругата и децата, секако потпомогнати од вработениот персонал, вели Савески.
Вилата „Мистик“ се наоѓа на улица „Ариф Мустафа“ на оддалеченост од 200 метри од „Туристичка“ и 300 метри од плажата кај хотелот „Мизо“. Нуди 15 модерно наместени соби по стандарди кои ги задоволуваат барањата на домашните и странски гости, како и трокреветни и четворокреветни соби, секоја со посебен тоалет и тереса. Во понудата за гостите стандардно е вклучен бесплатен интернет (Wi-Fi), телевизија, системи за безбедност, паркинг простор.
Собите на третиот кат нудат дополнително уживање со поглед на езеро, додека останатите се со поглед на калето каде впечатливо се издига Самуиловата тврдина. Тоа што го прави уникатно ова место е близината до стариот дел на градот и културно историските споменици.
Принципот на работа ќе биде ноќевање со доручек. Гостите имаат можност и во дворот на вилата да си подготвуваат сами скара, бидејќи им се нуди и отворена летна кујна. Во зимскиот период се планира загревање со камин на дрва, што дополнително ќе го збогати амбиентот. Веќе од наредната година планираме и дополнување на содржините со мини спа центар, додава Савески.
Позитивниот дух и енергија се чувствува низ едноставно, но сепак префинето уредениот двор на вилата каде посебен акцент е ставен на малите детали кои и тоа како му даваа топлина на просторот. Дрвената ограда, светилките, дрвцата и цветниот дел дополнително го збогатуваат мистичниот простор за уживање покрај отворениот базен. Вистинско место за релаксација, уживање во кафе муабет, романтична вечера…
Ќе работиме со букирање, а планираме соработката со странски ангенции кои носат гости во Охрид. Целта е да работиме 365 дена и многу ни е важна работата и во текот на зимскиот период. Со оглед на тоа што сум и ловџија, имаме идеја која се надевам ќе успееме и да ја реализираме, а се однесува на ловен туризам. Имено, на гостите покрај тоа што ќе им понудиме сместување, да им понудиме нешто поразлично, да ги однесеме во планина на лов, па потоа да се зготви тоа што ќе биде уловено, додава Савески.
Вила „Mystic“ ќе има своја веб страна, а понудата на оваа нова и поинаква туристичка приказна ќе биде пласирана и на социјалните мрежи.
Н.С.Ј.
фото. Емил Јовановиќ