Заклучно со октомври 2009 година, општина Охрид од туристичка такса наплатила 17.640.383 денари, што е за 2,6 милиони денари повеќе отколку цела 2008 година, кога по овој основ биле наплатени 15.033.801 денар. Процентуално, засега, општината остварила 14,7 отсто повеќе приходи од таксата за привремен престој во споредба со минатата година.


Охрид до октомври собра туристичка такса повеќе од лани

Зголемувањето на наплатата се должи на засилените  контроли, но и на зголемената свест на станоиздавачите, велат од општинскиот инспекторат за туризам, кој од оваа година работи со поголем капацитет.

Зголемената наплата на туристичка такса се должи на макотрпната работа на инспекторатот за туризам во изминатите три години.  Исто така и свеста кај граѓаните веќе е подигната на повисок степен дека нешто што го наплатиле треба да го дадат на државата, односно на општината бидејќи тоа се пари кои ги платиле домашните или странските гости. Истовремено инспекторатот се засили за уште две инспекторки и наизменично се делува во сите реони во градот, ни изјави Ѓорѓи Сошански – инспектор за туризам при општина Охрид. Тој објаснува дека инпекторатот работел поинтензивно и во канцеларија каде дневно се случувало да се прегледаат и до 80 книги на станоиздавачите.


Туристичките инспектори ја зголемија наплатата на таксата

До септември 2009 година во основните објекти биле остварени вкупно 479.026 ноќевања, што е повеќе за 17.709 од цела 2008 година, кога вкупно биле остварени 461.317 ноќевања. Во приватниот сектор до септември 2009 година биле остварени 88.157 ноќевања, или 31.630 повеќе од цела 2008 година кога биле остварени 56.527 ноќевања. Просечната искористеност на објектите до септември 2009 година била 38,55%, или 1,5% помалку од минатата година.