– Ќе се обидеме до 2013 година да изработиме заедничка регионална понуда поврзана со Царот Контстантин, за што во тек се разговори со туроператори од Италија. Отворена е лоу-кост авионска линија Болоња – Ниш и логично е таа понуда да содржи и посета на Охрид како духовен и христијански центар, изјави за Ohridnews, Срѓан Џивѓановиќ од Здружението на туроператори на Србија.
И македонските туристички работници го делат мислењето дека иднината на туризмот на Балканот е во заедничка понуда на регионалните знаменитости. Т.А. „Компас“ веќе неколку години во Македонија ги носи израелеските туристи, кои поголем дел од времето го минуваат во Охрид.
–Успеавме израелците да ги задржиме во Македонија 7 дена што е извонредно, а сега работиме на проширување на туристичката понуда со Бугарија и Албанија, вели Арсение Јанески од „Компас“.
Според него голема перспектива лежи и во алтернативниот туризам, но засега не постојат услови за негово омасовување.
– Ни недостигаат џипови кои ги изнајмуваме од Бугарија, немаме ниту соодветни мали автобуси кои имаат простор за пренос на велосипеди и слично, а проблем е и тоа што во селските средини немаме доволен број соодветни капацитети, кои ќе бидат убаво уредени, додава Јанески.
Туристичките работници од регионот на Саемот за туризам што се одржува во Охрид, ќе разговараат за воспоставување поблиска соработка и формирање заеднички туристички производ кој потоа би се нудел на светскиот пазар.