На стадионот „Билјанини извори“ од вчера се монтира најголемиот концертен подиум во регионот, поголем и од тој на „Егзит“, каде од 1 до 4 август ќе се одржи третото издание на музчкиот фестивал „Ohrid calling“ 2018.
Годинава фестивалот во Охрид ги носи најдобрите светски диџеи во моментов Dimitri Vegas & Like Mike на први август, Jax Jones & Roger Sanchez на втори и Armin van Buuren на 4 август.
- Оваа година имаме водечки имиња од светската електронска сцена. Исто така имаме лајнап од десеттина светски познаи артисти од САД, Норвешка, Данска, Белгија, Македонија и други. Очекуваме туристи од сите страни на светот.– изјави Ивана Нолчева од Авалон продукција.
Познатите диџеи во Охрид ќе престојуваат по еден ден и веднаш по настапот заминуваат за друга дестинација, бидејќи имаат набиена летна агенда. Нивната рајдер листа е вообичаена, велат од Авалон продукција, од каде најавуваат спектакуларни три фестивалски денови во Охрид.
- Покрај звукот и специјалните ефекти, настапите на диџеј ѕвездите ќе бидат пропратени и со спектакуларен огномет и пиротехника. – најави Денис Илиоски од Авалон Продукција.
„Ohrid calling“ станува препознатлив во светот, а интерес за фестивалот покажуваат и големите продажни мрежи.
- Интересот за фестивалот е фантастичен. Оваа година за прв пат, покрај локалните продажни сервиси на карти и Балканот, за прв пат Ohrid Calling ќе се продава и на онјалјн тикет сервиси во Европа. – додаде Илиоски.
Логистичка поддршка на фестивалот дава и локалната самоуправа, од каде сметаат дека настани како Ohrid calling ќе придонесат за развој на туризмот.
- Се радуваме што токму во Охрид се одржува еден ваков настан. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и ќе го задржи квалитетот. – рече Илија Пиперкоски од општина Охрид.
Пиперкоски најави дека општината веќе работи на концептот на концертниот туризам за наредната година, со оглед на тоа што за букирање на квалитетните музички артисти потребно е време, некогаш и подолго од една година.
OhridNews