Српските туристи најмногу го бираат Охрид како дестинација за посета во Македонија, истакна директорката на Туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ на настанот кој денес се одржа во Скопје за претставување на Србија како туристичка дестинација.
Скопје е интерес, но Охрид е број еден кога е во прашање одбирање на дестинација која ќе се посети во Северна Македонија од страна на српските туристи, вели Лабовиќ.
Потенцираше дека за нив значаен е македонскиот пазар, бидејќи македонските туристи се седми по бројот на остварени ноќевања во Србија, а петти по потрошувачка и тие проценти растат секоја година.
Минатата година имавме преку 260 илјади ноќевања, што е за 22% повеќе од претходната година. Овој тренд продолжи и годинава и имаме за 10% повеќе остварени ноќевање од туристи од Македонија во споредба со минатата година.
Денешната работилница, потенцираше, на која присутни се 36 претставници на туристичкиот сектор од Србија меѓу нив, туроператори, хотелиери и 8 локални туристички организации, е наменета за проширување на деловни односи, но и зголемување на бројот на ноќевања и посети на туристи од Македонија, како и претставување на новината во понудата и потсетување на веќе постоечките.
Во поглед на тоа кои места во Србија се најпосетени од македонските туристи, Лабовиќ ги посочи планинските центри, но и бањите, како и неколку градови.
Нашите планински центри се многу атрактивни, на прво место Копаоник, но и Златибор. Од градовите секако Белград, потоа нашите бањи, Соко Бања, Врњачка…, Ниш, еднодневните посети во југот на Србија, Врање, Лесковац… Туристите од Северна Македонија сакаат да го посетата и нашето културно-историско наследство, да уживаат во нашите природни убавини, активниот одмор, но и во гастрономијата, додаде Лабовиќ.
Инаку, дека српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, говорат и бројките на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) каде е забележан раст на српски туристи за 19% во 2023 година споредбено со 2019 година, како и раст на остварени ноќевања на српски туристи и тоа за 37% во 2023 година споредбено со 2019 година.
Н.С.Ј.