Неодамнешната вест дека градот Нови Сад ја освоил престижната титула на Европска културна престолнина за 2021 година, како претставник на земја со кандидатски статус во ЕУ, како и градовите од регионот – Пловдив за 2019 и Ријека за 2020 година, ни го наметна прашањето колку ние во Македонија сме блиску или далеку од тоа.

Дали е научна фантастика помислата дека Охрид некогаш би можел да ја понесе оваа ласкава титула? Дали старата слава е доволна да го издвои од конкуренцијата и колку денешните охриѓани имаат заедничко со оние од минатото? Освен гордоста со нешто што не е нивна заслуга, суетата и обременетоста со предрасуди, што е она вредно во нив, а со кое на својот град би му го вратиле некогашното значење?

Славно минато….

Охрид како неизоставен за посета од било кој што допатувал во Македонија, независно што не е ниту најголем, ниту административен, ниту по многу други параметри поистакнат од Скопје, се уште е во однос на него поголем магнет и поголема атракција за странските гости. Предодреден уште од времето на своето основање да биде посебен и уникатен, со самата местопожба на брегот на древното езеро и закрилен од планини кои го правеле помалку недостапен и мистичен, Охрид бил прочуен во овој дел од Европа од дамнешни времиња. Античкиот Лихнидос како метропола од античкиот период, блескал во својот раскош а античкиот театар од тоа време со својата велелепност го потврдувал повластениот статус на градот. Златните маски и скапоцениот накит вешто изработен од локалните мајстори пронајдени во бројните некрополи и денес се препознатлив белег на градот на светлината. Светилник во мрачното средновековие по враќањето на Св.Климент од Моравската мисија кој тука раководи со охридската книжевна школа, Охрид – град светилник продолжува да го осветлува словенскиот свет и во наредните векови. Цар Самуил не случајно го избира за својата престолнина, а неговата тврдина како круна и денес од највисоката точка на ридот потсетува на драматичната историја на градот, значаен крстопат помеѓу западната и источната Европа и Ориентот. На некогашен Балкански Ерусалим никогаш не му недостасувала верата, дали ќе ја зачува сега кога илјадници млади го напуштиле и го напуштаат поради лошата економска ситуација?

Денешните предизвици…

Иако препознатлив и добро позициониран на туристичката мапа на Балканот како Унеско локалитет, Охрид сепак остануваше по страна од културните настани а културата остануваше привилегија на метрополата. Културна престолнина во летниот период со „Охридско лето”, “Ohrid Calling”и останатите манифестации и настани, безличен и аветен во остатокот од годината, Охрид е град полн со контрадикторности. Некогашен индустриски град каде во погоните на тогашните фабрики егзистенција наоѓала повеќе од третина на населението, по нивното затварање поминал низ мачен транзициски период со енормно висока стапка на невработеност. Спасот се гледа во туризмот како високо профитна гранка, но тој сам по себе не е доволен да ги задоволи потребите на граѓаните. Прилично пасивни и инертни, охриѓаните слабо го пројавуваат претприемничкиот дух. Независната културна сцена кај нас ако воопшто ја има и индивидуалните иницијативи сведочат дека е тоа често на работ на невозможна мисија и исклучително тежок избор за егзистенција, особено на почетокот. Овде владее култура на пиење кафе и додека во минатото таа култура била амбиент каде се разменувале прогресивни идеи помеѓу интелектуалците, денес превладува хедонизам и забава.

Последните години во Охрид се отворени неколку странски конзулати, меѓу кои тие на Турција, Полска, Словенија, Русија, а има најави и за отварање на унгарскиот за скоро време. Меѓународниот карактер на Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” со програма на англиски јазик ја потврдува мултикултурната популација на студенти од повеќе од 40 земји низ светот. Филмската Академија, како подружница на чешката ФАМУ, исто така ги привлекува странските студенти, за што придонесуваат и стумулативните мерки на Владата во вид на стипендии. Се најавува и изградба на нов Дом на култура и современ театар, простори кои ќе овозможат реализација на содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.

Интернационалната димензија на градот ја засилува и потпишување соработка за отварање на Конфучие институтот за изучување на кинескиот јазик во рамки на Факултетот за туризам и угостителство. Ова е само дел од иницијативите Охрид да го врати стариот сјај. Воведувањето на ефтините летови од охридскиот аеродром исто одат во насока на раздвижување на економијата и комуникациските рути. Мешаните бракови не се ретка појава, а меѓу охридските снаи најбројни се холанѓанките, сите носејќи дел од културата на земјите од кои потекнуваат.

Европска престолнина на културата е град назначен од Европската Унија за период од една календарска година, во која се организираат серија културни настани со силна европска димензија. Иницијативата потекнува од пред 30-на години и тогашната грчка министерка за културата, поранешната актерка Мелина Меркури, која верувала дека на културата не и се дава истото внимание како на политиката и економијата. Програмата европски град на културата била отпочната во летото 1985 со Атина како нејзин прв носител.


Мапа на Европски културни престолнини

Културата служи како катализатор на промени, долгорочно вложување во општествениот прогрес во целина и трансформацијата на градот. Титула на Европска престолнина на културата потврдува дека културата е вистински двигател на позитивните промени во општеството кои покрај создавање на нематеријалните вредности имаат реперкусии и на економијата. Ја има ли Охрид таа смелост, креативен потенцијал и подготвеност да се кандидира за оваа титула? Иако во овој момент можеби премногу смело и нереално, со вистинска долгорочна стратегија, тоа и не е толку невозможно. Развој на зрело општество на зрели индивидуи кои ќе работат на свој личен и професионален развој, без сиркање под туѓите прозорци и ситење со туѓиот „неуспех”, зошто неуспех е да не се преземе ништо, е долготраен процес.

Отвореноста за учење, ентузијазам, разбирање и поттик на позитивните иницијативи, без потсмев и цинизам, со внимателно ослушкување на различните ставови и „гласови“ кои доаѓаат од секој поединец, се основните вредности кои би можеле да не донесат до целта. Свеста за општествена одговорност е клучен феномен во овој случај. Таа бавно се менува и колку генерации треба да се сменат за таа да се забележи? Номинациите за престижната титула до 2033 година веќе се утврдени, а тој временски интервал треба да се искористи да размислиме дали сакаме да се вложиме во оваа захтевна мисија. Големиот Ганди рекол: „Биди ти, промената што сакаш да ја видиш во светот“. Светските искуства ветуваат дека вреди да се проба. Титула на Европска културна престолнина отвара бројни можности – од повлекување на пари од ЕУ фондовите, преку развој на инфраструктурата, до туристички и културни проекти.

А. Г. 
(авторот познат на редакцијата)

Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите