Во општината Рокдаил во Сиднеј, претставнциите на Охрид пред Македонските иселеници и претставници на другите етнички заедници од светот, ги презентираа неговите природни, туристички, економски и културни потенцијали.


Делегацијата од општина Охрид што е во посета на Австралија пред бројната публика и новинари во Сиднеј ги претстави потенцијалите што ги нуди Охридскиот регион за туристички посети и економски развој, со акцент на можностите за инвестиции на нашите иселеници и странките инвеститори, кои гледаат шанса за заработка и стимулациите што ги нудат општината и државата за привлекување странски инвестиции и туристи.



Домаќин на презентацијата беше градоначалникот на Рокдаил, Бил Серавиновски, Македонец по потекло, кој 16 години е градоначалник на општината со најголем број Македонци во Сиднеј. Новинарите на Македонските весници и радија во Сиднеј се интересираа за условите што ги нуди Охрид пред се во поглед на инфраструктурата, патиштата, холетите и другите капацитети за сместување на гостите, за вонсезонската посетеност, понудата на религиозниот, културниот и рурален туризам, и празнините што треба да се пополнат за развој на туризмот.


Заложбата на градоначалникот Серавиновски, како домаќин  на Охридската делегација во Сиднеј, беше на промоцијата на Охрид освен Македонските иселеници во овој дел од Австралија, да присуствуваат и странци, меѓу кои најбројни беа Кинезите. Серавиновски потенцира дека претставниците на Охрид, кои се од различни сектори, се дојдени во Австралија со конкретни  ангажмани за презентација на градот и продлабочување и издигнување на соработката на повисоко ниво. Македонците кои живеат и работат во Сиднеј искажаа задоволство од посетата на делегацијата на Охрид, што е реткост кога станува збор за претставување на нашите општини на Австралискиот континент.


Од страна на претставниците на Охрид беше потенцирана важноста на непосредниот контакт и живиот збор за продлабочување на соработката меѓу нашата општина и заинтересираните за вложувања и за туристичка посета на Охридскиот регион. На презентацијата и прес конференцијата во Рокдаил не присуствуваше Охридскиот градоначалник Алексадар Петрески, кој поради големиот притисок во Охрид за посетата на Австралија, се врати во Македонија. Инаку, вчера Петрески ја посети црквата Свети Кирил и Методиј во Сиднеј.


Утре делегацијата од општина Охрид оди во посета на Волонгонг, градот збратимерн со Охрид, каде ќе биде потпишан договор за соработка со тамошниот универзитет, а планирано е да се посети и Камбера. Престојот во Австралија, претставниците на општина Охрид ќе го заокружат со посета на Мелбурн, каде ќе имаат средби со Македонската заедница, презентација на Охрид, а ќе учествуваат на средбата на Македонците и Македонистите од светот во организација на комитетот за човекови права на Мелбурн.

                            Нина Кепеска