На меѓународниот саем за туризам кој неодамна се одржа во Нови Сад , на Вечерта на шампионите, на Охрид му беше доделено признанието-Балканска престолнина на културниот туризам за 2010 година.

Покрај кристална фигура и повелба,  на градоначалникот на Александар Петрески на денешната прес-конференција, како дел од наградата му беше доделена и  специјална тога која ќе ја носи во посебни прилики и настани поврзани со туризмот.


 Високото признание за охридскиот туризам е доделено на предлог на Балканската хотелска асоцијација БАХА,а позитивно мислење во постапката на номинирањето дале Светската хотелска и ресторанска асоцијација ИНХРА и Светската туристичка организација.

 –Охрид има вредности да биде престолнина не само на културниот, туку воопшто на сите видови туризам. Во тој правец досега ја водевме кампањата за привлекување странски гости и сме оптимисти дека туристичката сезона ќе трае преку целата година, рече градоначалникот Петрески.


Петрески предупреди дека за остварување на ваквите цели потребна е поддршка од централната власт во изградбата на инфраструктурата.

Високото признание ,според Дончо Танески ,член на бордовите на директори на БАХА и ИНХРА, е голема можност за привлекување пред се на странски туристи.

Искуствата покажуваат дека градовите кои добиле вакви признанија двојно ја зголемиле посетеноста и се наоѓаат на високи места на рејтинг-листите за најатрактивни туристички дестинации во светот, истакна Танески.

Т. К.