Градскиот ракометен клуб Охрид не губи време. По завршување на сезоната, веќе почнаа подготовките за натпреварувачката 2023/24 во која дресот на Охрид ќе го носат четворица македонски репрезентативци, голманот Даниел Ѓорѓески, левото крило Гоце Ојлески, десното крило Никола Стоилевски и специјалистот за одбрана Милорад Кукоски.

Дваесет и девет годишниот гостиварчанец Даниел Ѓорѓески (191cm и 91кг) доаѓа во тимот на Гладијаторите по одличните настапи на унгарскиот тим Будакалас. Пред тоа настапуваше за најсилните тимови во Македонија: Металург, РК Вардар и Пелистер. Со нив има настапи во европските купови и регионалната Сеха Лига.

Среќен сум што се враќам назад во Македонија и посебна чест ми е што ќе бидам дел од ваков одличен проект и тим како што е Охрид. Охрид е сериозна екипа со големи амбиции, а јас се надевам дека оваа сезона ќе ги исполниме сите цели и сите заедно ќе се радуваме на многу победи.” – изјави Ѓорѓески.

Македонското репрезентативно лево крило Ојлески има 33 години (180cm и 80кг). Во Охрид доаѓа од редовите на шампионот Пелистер.

Ми причинува задоволство што ќе бидам дел од ГРК Охрид, клуб кој што покажува сериозност и квалитет во македонскиот ракомет. Се надевам следната сезона ќе ни биде успешна и ќе славиме многу победи.” – изјави Ојлески.

Нов „Гладијатор“ е и одличното десно крило Никола Стоилевски. Има 24 години (194cm и 80кг) и настапуваше за Еурофарм Пелистер 2 во плеј-оф натпреварувањето. Пред тоа настапуваше за екипите на Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел Скопје.

 

Драго ми е што ќе бидам дел од екипа која има одлични планови и цели за во иднина кои би ми помогнале многу да напредувам како играч.” – изјави Стоилевски.

И специјалистот за одбрана Кукоски станува „Гладијатор“. Има 35 години (195cm и 100кг) и доаѓа од првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер. Пред тоа има настапувано и за Металург, Зомимак и Вардар. Во својата кариера има настапи во европските купови и регионалната Сеха Лига,  и е дел од сениорската ракометна репрезентација на Македонија.

Мило ми е што доаѓам во клуб со европски амбиции, кој расте од година во година. Сигурен сум дека ќе ги оправдаме очекувањата на управата и публиката.” – изјави Кукоски.

Г.М.