Фудбалерите на Охрид ја забележаа првата победа во контролните натпревари од подготвителниот период совладувајќи ја екипата на Дрита со 3-1 (1-0) на СРЦ „Билјанини Извори“.

„Рибарите“ до сефте триумфот стигнаа со головите на Ромео Кочоски во 44-та и 47-та минута и Александар Бакулески кој беше прецизен во 72-та минута. Гостите во финишот од мечот со маестрален погодок го ублажија поразот.

Првите 30-тина минути од контролниот дуел помина во знакот на голманите. Двајцата со неколку добри и пред се сигурни интервенции не дозволија погодок во мрежите. Охриѓани резултатот го отворија во 44-та минута од белата точка. Сигурен егзекутор беше капитенот Кочоски, а пеналот го изнуди Александар Целески.

На почетокот од второто полувреме Охрид ја дуплираше предноста. Бурхан Алији нанижа неколку фудбалери во соло продор и го пронајде Кочоски кој не погреши од непосредна близина.

Охрид и покрај водстовот продолжи да игра на теренот. Третиот погодок во мрежата на Дрита беше дело на Бакулески. Центаршутот на Ариф со одмерен удар во спротивен агол го капитализраше Бакулески за 3-0.

Дрита во последните десеттина минути ја презеде иницијативата и успеа да постигна почесен погодок со кој го ублажи поразот. Офанзивниот фудбалер Мурати со удар од 20-тина метри ја погоди мрежата на Митрески за конечни 3-1.

„Рибарите“ нова тест средба ќе одиграат против второлигашот од истокот Тиквеш.

Мх.П.