Охрид оваа пролет ќе биде центар на иновациите и претприемништвото. Oд 25 до 27 април 2025 година ќе се одржи Techstars Startup Weekend Ohrid.
Овој глобален концепт, кој инспирира илјадници претприемачи што се во почетна фаза ширум светот, трет пат по ред се случува и во иновативниот Охрид, нудејќи тридневно интензивно искуство за сите оние кои сакаат да ја трансформираат својата бизнис идеја во реалност.
Techstars Startup Weekend е уникатен настан каде учесниците – програмери, дизајнери, маркетери и млади претприемачи – ќе имаат можност да работат на развој на свои стартап идеи, водени од искусни ментори и експерти од индустријата. Преку брз и динамичен процес, тимовите ќе развијат прототипи, ќе тестираат концепти и ќе ја презентираат својата финална идеја пред жирито во недела навечер.
Startup Weekend е совршена можност за секој што сака да направи разлика – без разлика дали е студент, професионалец или ентузијаст за технологија и иновации. Охрид, со својата уникатна енергија и потенцијал, е совршена локација за развој на стартап заедницата, изјавија организаторите на овој настан.
Настанот ќе се одржи во просториите на ко-организаторите на овој настан односно во Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле“. Билетите се достапни од 24 февруари, а бројот на карти е ограничен на 50. Заинтересирани може да се пријават на веб сајтот https://swohrid.com/.
За сите учесници подготвивме специјални изненадувања, а најдобрите три тима ќе освојат вредни награди. Прво, второ и трето место ќе бидат наградени со престижни награди кои ќе им помогнат да го развијат својот стартап и да го продолжат своето претприемачко патување.
Сите заинтересирани можат да се пријават како поединци, без разлика дали имаат веќе дефинирана идеја или не. За тимовите што се пријавуваат заедно, достапна е промотивна цена. Исто така, за сите учесници ќе бидат обезбедени храна и пијалоци за време на целиот викенд. Ги покануваме и охрабруваме сите заинтересирани и сите што го поддржуваат претприемништвото да станат дел од овој единствен годишен настан и да придонесат кон развојот на иновативната заедница, посочуваат организаторите.
OhridNews