Музејот на А. ден Долаард во Охрид, деновиве ја комплетираше колекцијата од овој познат холандски писател. Сега во музејот можат да се видат сите книги кои тој ги напишал во својот живот, вели Крсте Пурцов, наследникот на познатиот охридски писател, полиглот и публицист Мишо Јузмески, кој ја започна оваа убава приказна.

Се почна со обична егзибиција на неколку книги за Охрид во 2005 година од страна на полиглотот и писател Мишо Јузмески, за денес гордо да можеме да кажеме дека најголемата и најкомплетна колекција на книги во светот од овој холандски писател се наоѓа во срцето на стариот град во Охрид. – рече Пурцов.

Деновиве музејот на А. ден Доолаард во Охрид го посети и семејството на холандскиот писател Корнелиус Боб Спулстра, меѓу кои и ќерката Бренда заедно со внуката и правнуката на писателот.

Се разговараше за развојот на самиот музеј и публицитетот што тој го добива последните години. Фасцинирани од работата и бројот на посетители во музејот, од семејството Спулстра истакнаа оти никогаш не помислиле дека после толку години ова место ќе биде толку посетувано и дека животот и делото на А. ден Доолаард ќе продолжи да живее до ден денес во Охрид. Се почувствувавме како да сме дома, ги пренесува импресиите на семејството Спулстра, Крсте Пурцов.

Култура 365 во чии рамки постои музејот на А. ден Долаард во Охрид, наскоро ќе ја објави програмата за 2023 година и настаните кои ќе се случуваат тука.

Г.М.