Охриѓанката Мартина Петреска, член на клубот „Чоле“ ќе ги брани државните бои на Европското првенство во карате во категоријата кадетеки минус 47 килограми, што од 3 до 5 февруари идната година ќе се одржи во Кипар.

Пласманот на Европско, Мартина го постигнала по победата на Државното првенство во конкуренција од 14 натпреварувачки во нејзината категорија, а потоа и победата на плејофот.

Ова не е прв нејзин успех, и минатата година учествуваше на Европското првенство во карате, што се одржа во Прага, каде го поминала првиот натпреварувачки круг. Со минатогодишното искуство сега очекува подобар резултат, односно медал за што напорно вежба и се подготвува.

Ќе се спремам многу подобро и ќе дадам се од себе да ги освојам сите борби и да се вратам со медал, вели Петреска.

Нејзиниот тренер, Дејан Чолески забележува дека Мартина е забележителен натпреварувач од сите каратисти и официјлани лица на натпреварите по нејзината техника што ја работи и има симпатии кај повеќето официјални лица.

Тоа го стекна со многу вежбање и труд. Карате вежба од својата четврта година. Има освоено многу медали на државни и меѓународни натрпевари, а се надеваме дека сега ќе имаме и од Европски првенство, истакнува Чолески.

Со напорно вежбање и искуството од Европското во Прага, кога се натпреварувала во категорија – 54 килограми, што не била нејзина природна категорија се надеваат на освојување подобар резултат, но овој пат во нејзината природна категорија.

Лани учествуваше на Европско првенство во Прага во категорија минус 54 килограми, што не е нејзина природна категорија, а сега е во нејзината природна категорија минус 47 килограми, каде се чуствува најкомотно и се надеваме на одличен резултат. Периодот што следува ќе имаме подготовки и тренинзи, но и контролен натпревар во Гран При Кроација, каде ќе има учесници од цела Европа и ќе биде тест пред Европското во Кипар, посочи Чолески.

Четиринаесет годишната Мартина, која тренира од својата четврта година не запира со пласманот на Европското првенство, со позитивни мисли и напорно вежбање очекува да се врати со медал од Кипар, а следен предизвик и е учество на Светско првенство.

Првиот официјален настап го имала на четири години, кога речиси и да немало конкуренција во нејзината категорија. На девет годишна возраст се пласирала на Балканското првенство во Истанбул, од каде се вратила со освоено петто место во категоријата кати индивидуално деца, а учество на балкански првенства имала и следните две години.

Петреска две години е и државен првак во категоријата борби кадети девојчиња до минус 47 килограми.

OhridNews