Златен, сребрен и бронзен медал освоија младите математичарки од Македонија на Европската женска математичка олимпијада (ЕГМО 2021) која се одржа во Грузија. Нашиот тим го сочинуваа Марија Атанасова (златен медал), Јасна Илиева (сребрен медал), Емилија Николовска (бронзен медал) и Ивона Зикова која подеднакво придонела за високиот тимски успех. Четирите талентирани девојки ги предводеа проф. др Анета Гацовска-Барандовска и Ерблина Зеќири од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Презадоволни сме од девојките кои неуморно работат од првиот свој натпревар по математика, постојано се надградуваат. Ова е вистински предизвик и за сите следни тимови на ЕГМО, но и на другите меѓународни натпревари. Да го повториме и надминеме. И покрај проблемите со пандемијата, Сојузот на математичари се труди на најдобар можен начин да ги организира натпреварите, селекциите и да ги подготви тимовите за успешно претставување. Математиката е тешка наука, но секој успех е уште подраг и поценет кога се постигнува со многу работа. На девојките им посакувам успех на претстојните натпревари – вели Гацовска-Барандовска.
На реномираниот меѓународен натпревар годинава имаше 213 учеснички од 54 земји. Натпреварот се одржа во виртуелен формат, со контрола со камера. Во два натпреварувачки дена од по 4,5 часа, натпреварувачките решевале по 3 задачи. Ивона Зикова и Емилија Николовска учат во новата Математичко-информатичка гимназија, а Марија Атанасова и Јасна Илиева во приватното школо „Јахја Кемал“.
OhridNews