Гитарско дуо Милеска-Андријевски, во кое настапи охриѓанката Анастасија Милеска, го освои првото место на интернационалниот натпревар за класична гитара „Ида Прести“, што се одржа во Самобор, Хрватска.

Интернационално жири составено од професори од Англија, Франција, Србија, Хрватска и Италија, меѓу кои и Изабеле Прести, внуката на светски реномираната гитаристка Ида Прести, одлучија првата награда да оди токму во рацете на Милеска и Александар Андријевски од Скопје, кои се натпреваруваа во конкуренција со професионални гитарски дуа од Шведска, Финска, Германија, Италија и Хрватска.

Анастасија Милеска и Александар Андријевски се моментално студенти на Факултетот за музичка уметност во Келн, Германија, во класата на професорот Герхард Рајхенбах. Како дел од првата награда, дуото ќе гостува на гала концертот на летната академија Young Masters во Самобор во Август 2019 година.

Охриѓанката Анастасија Милеска е ќерка на Роберт Милески, гитаристот на познатиот охридски бенд „Камелеон“. Основно музичко училиште заврши во Охрид освојувајќи бројни национални и меѓународни награди. Средното образование го стекна во Скопје во „Илија Николовски Луј“.

OhridNews