Охриѓанката Андријана Сидороска во деветтиот месец од бременоста се заразила со опасниот коронавирус Ковид 19. Тогаш започнала нејзината лична и семејна драма, која доби среќен крај благодарение на посветениот медицински персонал на Општата болница во Охрид, личниот лекарски ангажман на директорот на оваа здравствена установа Д-р Горан Балевски и стручниот тим на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

По дијагностицирањето на вирусот, бремената жена била следена од лекарскиот тим на Инфетктивното одделение во охридската болница, каде таа секојдневно примала соодветна терапија. Поради сложената здравствена состојба и строгите протоколи за заштита и спречување на ширење на Ковид 19, породувањето не можело да се изврши на Гинеколкошкото одделение во Општата болница во Охрид.

На 18 март утрото, во придружба на директорот на охридската општа Болница Д-р Балевски, бремената жена била пренесена на Клиниката за гинекологија во Скопје. Четири часа по приемот во специјалниот оддел за ковид пациентки Андријана успешно се породила и на свет донесе здраво девојче.

Огромна благодарност до Д-р Горан Балевски за несебичниот ангажман, на целиот медицински тим на охридската општа болница и на тимот на Клиниката за гинекологија во Скопје, за исклучителната професионалност и покажаната лекарска грижа и емпатија во вакви тешки времиња. – истакнаа од семејството Сидороски.

Поради ковид статусот на мајката, таа и ќеркичката се уште не се виделе, но се во добра здравствена состојба и се чувствуваат одлично. Наскоро тие ќе бидат заедно и ќе му се придружат на среќниот татко Зоран на повторното обединување на семејството Сидороски кое сега е побогато за еден член и приказна која ќе ја раскажуваат цел живот, во која секогаш посебно место ќе имаат хероите во бели мантили.

Г. Момироски