Охриѓанката Кристина Камнаровска меѓу ретките кои успеваат своите соништата да ги претворат во реалност. Само упорните стигнуваат до врвот, па така и оваа млада девојка чекори по скалите на успехот,  дипломирајќи на Универзитетот за применети науки во Холандија во областа на генетиката, единствен од овој тип во Европа.

Голем успех е од дваесет и осум ученици само шест да го продолжат образованието на генетика, за тоа е потребно труд, желба и учење, вели Кристина.

Во моментов со образованието што го стекнав сум докторант за епигенетика, што значи учев за сите механизми на ДНК, како гените доаѓаат до израз и како доаѓа до мутации во ДНК, односно како влијаат овие мутации врз човековиот организам и предизвикуваат болести. Сепак се уште за многу болести не се знае врз основа на кои мутации во ДНК настануваат, за што е потребно уште многу истражувања, потецира младата научничка.

Во Холандија, додава, најново е да се произведе терапија за оштетувањата кои настануваат во ДНК, која прво се тестира на клетки, животни и последно е ригорозното тестирање на луѓе.

Мојот интерес, а сега веќе по дипломирањето и можност, е насочен токму во проучување и произведување на таков вид на терапии на пример за рак на градите или болести на мускулите. Има уште многу работи кои не ги знаеме и треба да се истражуваат, а институциите тука даваат можност за понатамошно надградување во образованието. И покрај тоа што првично сакав да бидам доктор, со тек на времето и образованието, сфатив дека сакам всушнсот да истражувам како може со генетиката да се лекуваат болестите, истакнува Кристина Камнаровска.

Навраќајќи се на почетоците, вели, отсекогаш кај неа постоел интересот за биологијата. Прво сакала да биде доктор, но не и затоа што имаат доктори во фамилијата, колку што самата имала желба.

Желбата за изучување на биологијата се преточи и во средното образование каде се насочив на учење на биологијата, физиката и хемијата. Во Холандија многу рано треба да се избере смерот за учење. По завршување на средното образование се запишав на универзитет каде имавме различни предмети од микробиологија до генетика. Најголем интерес пројавив за генетската технологија, кој предмет го завршив со највисока оценка. Оттука, произлезе и желбата за изучување на генетиката. Дополнително, желбата уште повеќе се зголеми по експериментот што го правевме во лабораторија со  бактеријата E. coli, каде требаше ген од инсектот светулка да ставиме во бактеријата, со цел како што свеатат светилките во темно, да свети и бактеријата, додава таа.

Потенцира дека низ образовниот процес се повеќе се запознаваат со новостите во истражувањето во светот наведувајќи ги како пример начините на кои се тестираат терапии за леукемија во клетките, како се користат матичните клетки во екперименти.

 

Себеси се гледам во иднина во институција каде се вршат генетски истражувања, се проучува како да се најде лек или терапија за одредена болест, на пример за ракот, нагласува младата, амбициозна и успешна девојка.

Н.С.Ј.