Неверојатно доживување, ново и значајно искуство, но и ретка можност имаа двајцата млади охриѓани Тијана Костовска и Климент Младеноски, кои неодамна го посетија вселенскиот центар „Кенеди“, каде требаше да присуствуваат на лансирањето на најновата и најмоќна ракета Артемис I на НАСА, која е дел од амбициозниот проект за испраќање човечки екипаж на Месечината оваа деценија. Лансирањето беше одложено поради технички проблеми.
Како дипломирани машински инжинери, а моментално и на постдипломски студии во Универзитетот Гронинген, Холандија, велат дека иако не успеаја да го видат лансирањето на ракетата, научиле многу за историјата, но и планираната иднина на НАСА.
Се запознавме со експерти кои се помеѓу најдобрите во своите полиња, меѓу нив Steve Agid, поранешен НАСА-инженер, кој со неговото 46-годишно искуство ни направи персонализирана тура, каде ни долови како било да се работи на мисии како Space Shuttle, Atlas, Delta, ни раскажа и за неговите пријателства со астронаутите, патот до работа со NASA итн. Своето искуство ни го пренесе и астронаутот Woody Spring, кој на мисијата STS-61-B, на шатлот Атланис, помина скоро 7 дена во вселената. Имавме можност да му поставуваме прашања, и од прва рака да дознаеме како е да си во вселената и што се е потребно за да станеш астронаут. Исто така, се запознавме со Dr. Gioia Massa и со Trent Smith, кои како експерти имаат работено на Veggie програмата, со која всушност Nasa расте растенија во вселената. Беше особена чест што се запознаме со луѓето од кои учевме додека работевме на нашиот проект „Саластра“. Исто така, се запознавме и со Martin McClellan, каде со неговото искуство во NASA како одговорен за полетување и за деконтаминација ни даде стручни, но и животни совети, велат младите успешни охриѓани.
Ова патување следува како награда по победата на тимот кој го предводеа на националниот натпревар „NASA Space Apps Challenge“ Скопје 2021 со нивниот проект „Саластра“, што всушност е теоретско решение за растење на растенија во вселената.
Како награда бевме поканети да присуствуваме на лансирањето на Артемис I, кое беше закажано на 29ти август. Артемис I требаше да е прватата мисија од неколку со новата ракета, чија крајна цел е повторно човекот да се врати на месечината, но овој пат целта не е само да се слета на месечината, туку да се воспостави долгорочно присуство на површината на Месечината. Артемис I ја користи новата SLS ракета со која ќе се пушти Орион капсулата без екипаж во месечевата орбита и назад, а тоа ќе претставува најдалечниот пат некогаш изведен од страна на возило кое е дизајнирано за човечки екипаж. За жал поради проблеми со едниот мотор и со непланирано истекување на гориво, лансирањето првично се одложи за 2ри септември, а потоа бидејќи проблемите не можеа да се средат навремено, мораше да се откаже повторно. Бидејќи лансирањата може да се случат само во строго определени временски рамки, каде условите се идеални, NASA одлучи лансирањето да се одложи за најрано крајот на септември, додаваат.
Охриѓаните Тијана Костовска и Климент Младеноски во посета на вселенскиот центар „Кенеди“
Искуството велат што го стекнале при десетдневниот престојот во вселенскиот центар Кенеди ќе им помогне многу во поглед на доизградување на нивната кариера.
Воедно за целокупното ова искуство, доживување и пред се можност упатуваат благодарност до Ирена Чаушевска Даниловска, како организаторот на натпреварот во Скопје, но и до ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, Фондацијата Голдилокс и Амбасадата на САД во Скопје.
OhridNews