Таткото Миле и синот Симеон Јовановски ( 8 години ), Славчо Цветкоски и Јован Наумоски ќе бидат учесници на Балканското првенство во Триатлон кое ќе се одржи на 15 и 16 септември во Охрид. Четворицата учесници напорно и на свој начин на копно и во вода се подготвуваат за предизвикот кој го носи Триатлон како спорт. Дел од подготовките учесниците ги прават на базенот „Атина Бојаџи“ во склоп Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“. Ги посетија, разговараа со нив и членовите на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ кои се технички организатори на Балканското првенство во триатлон кое ќе се одржи на 15 и 16 септември во Охрид.

  • Организирањето на Балканското првенство во Триатлон во Охрид е одличен прв чекор кон промоцијата на овој многу интересен спорт во нашиот град и држава.Градот ги има сите потребни услови, природни и инфраструктурни, за организирање на добар и успешен Триатлон. Подготовките за учеството се специфични исто каков што е триатлонот. Мене лично нема да ми е ова прво искуство, но добро е што ќе можам да ги тестирам своите можности и воедно да ги одмерам силите со подобрите триатлонци од Балканот. – изјави Миле Јованоски тренер во Атлетскиот клуб од Охрид.

Цветкоски инаку тренер во Пливачката школа “Делфина” немал планови да учествува, а се пријавил на иницијатива од Миле.

 – Воопшто не планирав, но кога Миле ми ја раскажа суштината на Триатлонот одлучив да се пријавам и да ги пробам моите можности. Пливам секојдневно, трчам и велосипед возам рекреативно кога можам и мислам дека ќе бидам подготвен за предизвикот. – изјави Цветкоски. Тој ги повикува сите охриѓани кои имаат афинитет кон спортовите што се дел од триатлонот или се љубители на спортот да се пријават или да бидат нивна навивачка поддршка за време на двата дена на триатлонот во Охрид.

Наумоски кој работи како спасител на вода во Црвениот крст од Охрид прв пат ќе биде дел од ваков настан и смета дека е подготвен да одговори на предизвици кои ги има во водата и на копно. – Триатлонот го пратам преку интернет и навистина сум многу изненаден колку тој спорт брзо се развива во светот и колку многу има влијание во стекнувањето на здравите навики кај луѓето. Кога разбрав дека Охрид ќе биде домаќин на еден таков настан не се двоумев воопшто се пријавив и сега сум во големо исчекување на триатлон викендот во Охрид.

Најмладиот учесник Симеон ќе се натпреварува во пионерска конкуренција и заедно со другите охридски триатлонци ќе биде дел од трките за рекреативци кои ќе се одржат во недела на 16 септември.

Техничкиот организатор на Балканското првенство во триатлон Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ е повеќе од изненаден од интересот кој постои во Охрид и кај љубителите на спортот во Охрид. Тие се убедени во развојот на овој спорт во Охрид, Охрид има фантастични природни предиспозиции за Триатлон и тоа како град треба да го искористиме за понатамошна афирмација на Охрид и нејзиниот туристички спортски потенцијал.

На Балканското првенство во триатлон се очекува да учествуваат околу 300 триатлонци од 30 држави од светот.

Пријавувањето за учество трае до 9 септември а може да се направи на официјалната веб страна на Триатлон федерацијата на Македонија www.triathlon.mk.

OhridNews