Не можат туристите да прават ѓубре, а домаќините да не вратат Можеби не во толкав обем, ама затоа на такво место сите да видат и да се изначудат. Не ни се потребни никакви хејтери кои од уста не го вадат Охрид пишувајќи од лошо полошо, требало не требало, едноставно тое е посилно од нив. Доволни сме си сами на себе за да ја расипеме сликата за најубавиот град во поширокиот регион. Едноставно такви сме. Како поинаку може да се објасни однесувањето на некој жители од стариот дел на градот, срцето и душата на Охрид, кој така го резилат што веројатно не се ни самите свесни.

Оваа слика кај Горна порта е од вчера, само два дена откако OhridNews го актуелизираше проблемот на оваа локација, каде постојано покрај контејнерите за комунален отпад фрла кој ќе стигне и што ќе стигне. Како да не беа доволни автомобилските делови од пред некој ден, па викендов древните ѕидини од Горна порта ги нагрдија и душеци, теписи, разно разна покуќнина и секогаш неодминливиот детаљ на охридската еко (не)култура градежен шут во сите форми.

Вака е секој викенд. Се фрла тука се и сешто. Колку што има во контејнерите толку и неколку пати повеќе има надвор од нив. И сето тоа на влезот во стариот дел на градот со кој сите се гордееме. Срамота невидена. Туристи проаѓаат тука и вчудоневидени ја фотографираат оваа неславна сцена. Тие слики ќе пропатуваат низ целиот свет, ама изгледа дека никому не му е гајле. – вели жител на Варош.

Од јавното комунално претпријатие во петокот кога исто така објавивме фотографии од мини депонијата кај Горна порта, истакнаа дека се свесни за проблемот, но  се немоќни да  сторат нешто, затоа што после секое расчистување на просторот се повторува истата слика, секојдневно.

Се сме пробале, но без успех. Поставени се и информативни табли што смее, а што не смее да се фрла, како да не постојат. Не се почитува ниту комунален ред, ниту соодветно се одлага отпадот. – истакна директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.

Грданоски вели дека е крајно време да профункционираат комуналната редарска служба и инспекциите и да се казнуваат прекршителите за да се елиминираат ваквите појави кои негативно влијаат на Охрид. Додава дека се размислува и за дискоцирање на контејнерите кај Горна порта во внатрешноста на паркингот пред влезот во стариот град, кои би биле целосно или полувкопани во земја и соодветно оградени.

Г.М.