Ракометниот клуб Охрид и играчите максимално се подготвени за завршниот турнир во Младинска конкуренција, кој ќе се одржи на 30 и 31 март во СРЦ „Билјанини Извори“. На Ф4 турнирот ќе учествуваат Охрид, Струга, КЛ 7 и бранителот на трофејот Металург.

  • Силно посакувавме да ја добиеме довербата од РФМ и да го организираме овој завршен турнир во младинска конкуренција. Нашите ракометари со резултатите, ангажманот и посветеноста заслужија да играат на домашен терен. Подготовките се во завршна фаза и не очекува нов ракометен празник во Охрид. Билетите ќе се продаваат од утрешниот ден на влезот од спортската сала и ќе изнесуваат 100 денари. – изјави спортскиот директор, Горан Недески.

На патот до финалето на охридскиот состав му стои екипата на КЛ7, која заврши на втората позиција во една од двете групи во Младинската лига.

  • Имавме добро издание и супер резултати во регуларниот дел, а сега ни преостанува да го крунисаме сето тоа. Домашниот терен и претходните резултати ни даваат мала но значителна предност во полуфиналниот натпревар. Сиот акцент го имаме ставено за полуфиналниот дел. Младинците кои тренираат со сениорите го подигнаа нивото на тренинзи се` со цел да се што подобро подготвени за завршниот турнир. Што се однесува до КЛ7, тие се добра екипа и не смее во никој случај да се потцени противникот. – изјави тренерот на екипата, Саше Ристески кој додаде дека Наум Костов е потполно здрав и ќе биде подготвен за турнирот во Охрид.

За оваа генерација на РК Охрид ова ќе биде второ учество на завршен турнир. Пред две сезони ракометарите беа дел од пионерската завршница во Охрид и го освоија третото место.

  • Имаме искуство од играњето на завршниот турнир и знаеме што значи. Ќе дадеме се од себе да победиме и да се пласираме во финалето, бидејќи само така ќе можеме да се надеваме на златен медал. Подготвени сме да се соочиме со КЛ7, нема нешто непознато помеѓу нас и ќе победи оној кој повеќе ќе се бори за победата. – истакна капитенот на Охрид, Мартин Ивановски.

Еден од столбовите на екипата, Даниел Андоновски додаде дека домашниот терен и поддршката публиката ќе биде ветар во грб за него и за соиграчите.

  • Ги повикувам охриѓани да дојдат во што поголем број и да не поддржат, затоа што ќе ни биде потребно. Домашниот терен носи одреден притисок, но ние низ мечевите во Супер лигата со сениорите ја пребродивме таа фаза. Мислиме само на победа и со такви мисли ќе го започнеме и одиграме натпреварот. – потенцираше Андоновски.

Во првиот полуфинален натпревар в сабота во 17 часот ќе се сретнат Струга – Металург, додека во вториот (19ч) силите ќе ги одмерат Охрид – КЛ7. В недела, мечот за третото место ќе се одигра во 15 часот и 30 минути, а натпреварот кој ќе го даде новиот шампион е закажан за 17:30 часот.

Михаил Постоловски