Охриѓани денес гласаат. На избирачките места кои ги посети екипата на OhridNews можеше да се забележи дека гласањето се одвиваше тековно, со почитување на здравствените протоколи. Употребата на фингерпринт уредите за идентификација нашите сограѓани велат дека се користат соодветно, а очекувањата нивни се да се исполнат ветувањата кои беа дадени во предизборната кампања.
- Очекувам да тоа што ветуваа да исполнат. Многу ќе ми биде мило ако ги исполнат дадените ветувања. Јас живеам на „Туристичка“, голема врева се прави од непотребните возила, мотори. Без контрола во 2 во 3 часот, тоа треба да се среди, оваа улица не е писта.
- Плажите се депонија, паркинг за колите нема никаде поготово во летна сезона. Сите ветуваа, но ќе видиме што ќе исполнат.
- Потребно е да се средат улиците. Осветлување на улицата кај што живеам јас нема, светлата се прегорени.
- Потребно е Охрид да биде подобар и посреден град. Најголемиот проблем во градот е што не се довршени инфраструктурни работи на многу помали улици. Да се надеваме дека и по изборниот период ќе завршат со тоа што почнале. Гласањето беше во ред со биометриските уреди. На идниот градоначалник му порачувам да не не заборави нас со помаливе улички.
Гласањето се одвива тековно и со почитување на здравствените протоколите, вели Соња Здравеска, претседател на ИО на гласачко место 1262.
Немаме никакви проблеми досега. Конкретно во нашето избирчко место излезноста до овој момент е малку послаба во споредба со претходните избори, но се надеваме дека во текот на денот ќе се зголеми излезноста на гласачите. Цела процедура која е во врска со биометрискиот уред се прати и немаме никакви проблеми. Функционираат уредите и доколку наидеме на сите пропратни работи кои што се пречка за читање на избирачките отисоци се продолжува со процедурата. Во ред е досега немавме проблем да се блокира уредот или да не функционира, додава Здравеска.
Според последните ажурирани податоците на Државната изборна комисија, правото на глас во Општина Охрид го искористиле 12 509 граѓани, или 23,86 проценти.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска