Стопанисувањето со охридското крајбрежје предизвикува реакции подолг период. Проблемот со плажите, неподмирените концесии од поединци и неуспешните лицитации, од една страна, потребата од уредени простори на крајбрежјето со содржини кои ќе бидат додадена вредност на туризмот, притоа водејќи сметка за одржливиот развој и заштитата на животната средина и универзалните вредности на регионот кој е под заштита на УНЕСКО, од друга страна, ја отвораат дилемата кој и како треба да стопанисува со Охридското крајбрежје.

Пред вонредните избори за градоначалник кои се одржаа заедно со претседателските минатата година, тогашниот и се уште актиелен министер за транспорт и врски Горан Сугарески, најави дека стопанисувањето со крајбрежјето на Охридското Езеро ќе го преземе државата, за конечно да се воспостави ред и да се стави крај на узурпацијата на јавниот простор. Тој најави дека за таа цел ќе биде донесен посебен закон во Собранието, но до денес тој не е ставен на дневен ред.

Ваквата најава ги подели мислењата на градоначалниците на Охрид и Струга. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во неколку наврати јавно ја поддржа идејата државата да го преземе стопанисувањето со крајбрежјето. На тој начин, смета тој, ќе се избегнат разните влијанија и притиисоци кон кои е изложена локалната власт и конечно ќе се стави ред во стопанисувањето со крајбрежјето, што е и барање на УНЕСКО.

Градоначалникот на Струга, пак, Рамиз Мерко, остро се противи на општината да и бидат одземени ингеренциите околу крајбрежјето. Тој константно повторува дека општините најдобро ги знаат своите проблеми и најдобро можат да ги решат.

Во меѓувреме Општина Охрид се одважи и започна акција за уривање на дивоградбите на источното крајбрежје. Според најавите таа ќе продолжи деновиве и ќе се одвива континуирано, се додека не се отстранат сите градби за кои има решение за уривање.

Акцијата предизвика силни реакции во јавноста. Голем дел ги поддржаа активностите на локалната самоуправа. Дел, пак, стравува дека акцијата нема да ги опфати сите, односно дека одредени моќници како и во многу наврати во минатото ќе бидат амнестирани. Но, огромното мнозинство граѓани се согласни дека стопанисувањето со крајбрежјето треба да го преземе државата и конечно да се стави ред на Охридското Езеро. На тоа укажуваат и резултатите од анкетата што за сопствени потреби изминатиот период ја спроведе OhridNews. Дури 88% од учесниците, или 3773 граѓани се изјасниле дека државата треба да ги преземе ингеренциите над крајбрежјето на Охридското Езеро и да го реши проблемот со дивоградбите. Против се 12% или 521 граѓанин.

Во рамки на активностите за исполнување на барањата на УНЕСКО за зачувување на статусот на Охидскиот регион како заштитено светско културно и природно наследство, државата го донесе Планот за управување со Охридскиот регион кој го уредува начинот на развој, вклучително и на градење, со строги критериуми, кои се однесуваат не само на крајбрежјето, туку и на сите зони под заштита. Упатените сметаат дека од почитувањето и спроведувањето на овој акт ќе зависи и иднината на регионот, дали тој ќе се развиза одржливо како атрактивна дестинција под брендот на УНЕСКО или ќе надвладеат интересите на моќниците кои изминатите 30 години го уништија Охрид до непрепознатливост.

Г.М.

Следна Анкета: Како треба да се одвива образовниот процес во новата учебна година?