Во весела атмосфера, со песна и оро, голем број граѓани на Охрид и гости ја дочекаа Новата 2020 година на централниот плоштад „Св. Климент Охридски“. Тие уживаа во изведбата на Ѓоко Танески, бендот Камелеон и Ефто Пупиноски, со чии песни Охрид влезе во новата година.
Новата година на охриѓани и гостите им ја честиташе градоначалникот Константин Георгиески.
-Драги охриѓани, драги гости од земјава и странство кои вечерва сте тука со нас на плоштадот во Охрид, Ви посакувам пријатни и незаборавни мигови во ноќва кога ја испраќаме старата и дочекуваме Новата 2020 Година. Секој почеток буди надеж и верба за подобро утро и посветла иднина. Токму така и ние ја испраќаме старата година оставајќи се лошо во неа со надеж дека ќе имаме поздрава, посреќна и побериќетна година во која ќе бидеме и помудри и поуспешни на секој план. – истакна градоначалникот Константин Георгиески.
Прославата на Нова година во Охрид беше „зачинета“ со многу пиротехника и огномети кои можеа да се видат на сите страни од градот.
Бројни забавни настани во градот ќе има и во наредните денови, кои ќе кулминираат со концерт на хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо на 18 јануари, во очи празникот Водици.
OhridNews