Поети, универзитетски професори, туристички работници, други заинтересирани и почитувачи, со поетско читање во КИЦ Култура 365, одбележаа 119 години од раѓањето на А. ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Македонија.
Иако поминаа 25 години од неговата смрт, А. ден Долард и понатаму се смета за најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија, но и пошироко во западниот свет.
Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објави бројни книги и новинарски статии коишто беа инспирирани од неговите посети на Македонија.
Тој до денес е најплодниот холандски писател, а меѓу најзначајните дела спагаат “Свадбата на седумте цигани”, кај нас преведена како “Свадба во Охрид” и “Ориент експрес” .
“Ориент експрес”, првично на холандски јазик е објавена во 1940 година, по што е многу пати преобјавувана, се до последното издание од 1994 година.
Четири години подоцна, инспириран од ова дело, во Охрид доаѓа Илја Еренбург, каде го пречекале академик Блаже Конески и охриѓанецот, академик Димче Коцо.
Првото издание е објавено во едиција, заедно со многумина светски класици, како Томас Ман, Максим Горки, Рајнер Марија Рилке и други.
– А. ден Долард како човек и писател има големо значење за Холанѓаните, но и за нас Македонците посебно за охриѓаните. Пред Втората светска војна тој овде ги согледува состојбите, животот, културата, па сé она што доживеал го запишал во своите книги и романи. Најзначајна за нас е „Свадбата на седумте цигани“ со што го изнесува Охрид како културно наследство, но и како поширока целина пред холандската читателска публика и со право до денес останува најверен и најголем промотор на Македонците и Македонија. Секое лето среќаваме Холанѓани кои го кажуваат неговото име, значи оставил некоја трага во времето и има големо влијание на Холандско – македонските односи на повеќе нивоа, не само во туризмот. Тој цел живот ја истакнувал и негувал љубовта кон Македонија, зборувал, пишувал за Охрид. – потенцира на вчерашната свеченост Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.
Предавање на тема “Неизмените богатства на Маскедонија во делата на А. ден Долард”, одржа проф. д-р Димитар Пандев.
-А. ден Долард, во време на најжесток терор и безобѕирна диктатура на териториите од Кралството Југославија, ја препознава вистинската национална слика на Македонија и националните особености на Македонецот. Тој дојде во Македонија како репортерска поддршка на научната проверка на веќе осознанениот податок дека ренесансата не започнала во Италија, туку во Македонија, а замина со цврста определба дека Македонците ќе се изборат за своја национална самобитност. Не е тоа само журналистичка интуиција, туку дедуктивен заклучок врз основа на мноштво разговори со македонски револуционери меѓу двете светски војни. – потенцираше д-р Пандев.
Во 2011 година во просторот на „Култура 365“ беше отворена Спомен собата со постојната поставка на фотографии, оригинални публикувани дела и извадоци од книгите на А. ден Долард. Во 2012 година, Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, која беше преведена на холандски и англиски јазик.
На овој голем афирматор, охриѓани во 2006 година му подигнаа споменик во Холандскиот парк, на атрактивна локација на самиот езерски брег.
Веле Митаноски