Охридскиот ракометен клуб, утре (среда) на домашен терен во СРЦ „Билјанини Извори“ во „еден два“ пресметката ќе го пречека составот на Металург. Супер дербито во претпоследната рунда од македонската ракометна елита ќе се одигра пред празни трибини. За „гладијаторите“ ова ќе биде втор натпревар во серија без поддршка од навивачите, откако без гледачи се одигра Езерското дерби со Струга.
Мораме да ги почитуваме препораките и да се грижиме за здравјето на сите наши симпатизери и целото општество. Од срце им се извинуваме на сите, но допрва во Охрид ќе се гледа елитен и квалитетен ракомет и ќе ни треба поддршка од трибините. Охрид е препознатлив како град на ракометот и сигурно најмногу на играчите ќе им фали ветарот во грб во салата. – изјави генералниот секретар во клубот, Горан Лекоски.
Тој додаде дека Охрид посакува да биде домаќин на 1/4 финалната група и завршниот турнир во Купот на Македонија.
Интерес за организирање на 1/4 финалната група и завршниот турнир во Купот на Македонија кај нас постои. Во понеделник, ќе има ждрепка и состанок во РФМ и ќе видиме како ќе се одлучи. – истакна Лекоски.
Следната недела во просториите на РФМ ќе се одржи ждрепка за плејофот и 1/4 финалето во Купот на Македонија.
Мх.П.