Во финалето на Европскиот Куп на Нации во CS:GO, во кое се играше ВОЗ, е-репрезентацијата на Македонија во која настапува охриѓанецот Александар “CacaNito” Ќулукоски, загуби од Чешка, јавува специјализираниот портал esports.mk.
Првата мапа која се играше беше de_dust2 каде нашата репрезентација се покажа како достоен противник и првото полувреме го заврши со водство од 8:7. Во второто полувреме нашите момци не беа доволно силни да го продолжат тој тренд па крајниот резултат беше 16:12 за Чешка.
На втората мапа, de_nuke, македонската репрезентација влезе во мечот цврсто и направи водство од 5:0 но чешките репрезентативци покажаа карактер и успеаја да го свртат резултатот во нивна корист за на крај да имаат водство на полувремето од 9:6.
После тој камбек што го направи Чешка, нашите репрезентативци влегоа во криза и до крајот на мечот успеаја да земат само уште еден поен. Крајниот резултат на втората мапа беше 16:7 за Чешка со што со вкупен резултат од 2:0 станаа шампиони на првиот Европски Куп на Нации, пишува esports.mk.
За нашата репрезентација покрај Александар “CacaNito” Ќулукоски играа и Кристијан “kiLLeRa” Куковски, Ахмет “2high” Бафтијари, Блаже “Hev1x” Христов и Даниел “dan1” Глигоров.
OhridNews
извор: esports.mk