Екипата од Универзитетот Алкорн стејт од Мисисипи, САД, каде студира охриѓанецот Стојан Стојановски, викендов, играше во плеј-офот во SWAC (Southwestern Athletic Conference) Конференцијата во првата NCAA Универзитетска лига во Њу Орлеанс.

Во четвртфиналето во саботата победија против Преари Вју Универзитетот со 4:2, при што Стојановски победи и освои важни бодови за својот Универзитет и во сингл и дубл после 4-часовна борба. Следниот ден се играше полуфинале против Алабама А&М, и во драматичен меч изгубија со 4:3, и не успеаа да се пласираат во конференциското финале. Стојановски прво оствари победа во дубл, но во одлучувачкиот меч во сингл, при резултат 3:3, играјќи повреден, загуби од поранешниот соиграч од репрезентацијата на Македонија од јуниорските денови и соиграч на Универзитетот Алкорн до минатата година, Ѓорѓи Поповски во 3 сета.

Стојановски за цело време во школувањето е прогласуван во најдобриот тениски тим на конференцијата, и е најдобар тенисер на универзитетот. Тој е апсолвент на Факултетот за компјутерски науки, со просек од 9,80. Ова беше последен меч на 22-годишниот Стојановски за Алкорн стејт Универзитетот, и во емотивното обраќање после мечот изјави дека со Ѓорѓи го одиграл првиот меч пред 15 години во Македонија, и судбината одлучила да го одигра и последниот меч во кариерата во САД против истиот противник и голем пријател. По завршувањето на студиите наесен, Стојан Стојановски ќе се посвети на професијата, и ќе работи во голема софтверска компанија во Вашингтон.

OhridNews