Охридскиот новинар, публицист и автор на фотографија Стојан Савески, со фотографијата „Магично утро“ дел од интерактивната и online платформа Mundoarti од Валенсија, во рамките на 9-тата меѓународна изложба, насловена „Мундоарти виртуелен музеј“.

Помал дел од изложбата опфаќа и дела од класичната фотографија и особено ми е мило што во таа мала збирка влезе „Магично утро“ која презентира една неповторлива сцена на устието на реката Црн Дрим, истакнува авторот Савески.

Фотографијата не е колоритно богата, но затоа донесува една мистичност карактеристична за овој дел на Охридското Езеро. Тука, во некои периоди од годината, се судираат топлите и ладните струи од Езерото што придонесува да дојде до испарување на водата и спојување со ниските облаци. Сончевите зраци истовремено ја креираат и истакнуваат магичноста и идилата на устието на Црн Дрим, надополнета со животинскиот свет кои тука има свои станишта, додава Савески.

Изложба опфаќа 164 дела од автори од светот во различни дисциплини – сликарство, фотографија, дигитална уметност, занаети, скулптури и слично. Истата е достапна и виртуелно за пошироката јавност од седиштето во Валенсија, инаку третиот град по големина во Шпанија, познат по своите историски знаменитости и богатството на културни настани.

Од Mundoarti, со виртуелната достапност на изложбата (https://mundoarti.com/magazine/noticia/apertura-ix-exposicion-internacional-museo-virtual-mundoarti/) ги охрабруваат сите љубители на уметноста да го доживеат ова уметничко искуство од каде било која точка во светот. Изложбата е отворена во текот на целиот ноември во Валенсија.

Инаку, во текот на годинава Стојан Савески со свои дела, претежно поврзани со убавините на Охрид, беше застапен во неколку колективни изложби организирани во Њујорк, Рим и Москва, каде што освои бронза за документарна книга за древниот град.

OhridNews