По излагањето на фотографски дела и претставувањето на Охрид, односно Македонија во Њујорк и Москва, следна дестинација на новинарот и публицист од Охрид, Стојан Савески, е Рим.

Во срцето на вечниот град, во организација на платформата LoosenArt, во галеријата Millepiani (Via Nicolò Odero 13, Roma), околу 50 уметници од светот, поделени во три групи, ќе излагаме фотографии, видео и визуелни дела на темата “Environmental Alterations” вели Савески.

Фотографијата со која учествувам на оваа групна изложба, во втората група на уметници, е црквата Свети Никола, која во 1953 година, со изградбата на хидросистемот Маврово, е потопена во водите на истоименото езеро. Инаку, црквата која е изградена во 1850 година, била соборен храм на локалните жители скоро еден век, и е насликана од еден од најголемите балкански мајстори на иконописот и фрескописот- Дичо Зограф. Американското списание “HuffPost” црквата ја става во врвот на најнапуштените објекти во светот. Сите досегашни обиди за нејзина реставрација се безуспешни, вели Савески.

Изложбата на делата на втората група на уметници е од 03 до 13 септември.

Савески е автор на делото Свети Климент Охридски-Patronus Civitatis, ги има издадено фото-монографијата за Свети Наум Охридски и фото-монографијата „Ohrid cultural and spiritual heritage“, а беше и номинатор за реставрација на црквата Св.Богородица Перивлепта во 2007 година.

OhridNews