Охриѓанецот Дејан Ангелоски се закити со нов златен медал од планинарските трки, откако триумфираше на „Пелистер Ултра Треил“.

 

За Ангелоски ова беше трет триумф во серија на планинарските трки. Претходно, охридскиот атлетичар победи на Планинарската трка „Титов Врв скајрејс“ односно „Водно-Матка Треил“, а второпласиран финишираше на почетокот од година на „Чупино Треил“.

Иако мислев дека трката на 41 километар беше многу тешка, што да кажам за трката од 61 километар. Ова за мене беше прво искуство на ваква делница и многу ми е мило што успеав да издржам и победам. Тактички добро се подготвив и не форсирав во ниту еден момент бидејќи делницата е долга и има многу за трчање. Трката на „Пелистер Ултра Треил“ е брутално сурова, тешка и исцрпувачка. Следната година само на оваа трка ќе учествувам на 61 километар на другите ќе трчам помали делници. – рече Ангелоски.

Трката  од 61 километар Ангелоски ја помина за 7 часа, 31 минута и 42 секунди. Второпласиран заврши Антонио Каранфилоски со 7 часа, 54 минути и 57 секунди, додека Жикица Ивановски финишираше на третата позиција со време (8. 34, 56). Кај дамите Ивана Јованоска со време 10 часа, 55 минути и 48 секунди го освои златниот медал, а место на пиедесталот обезбедија Сања Најдовски (11. 32. 50) и Катерина Николовска (12. 42. 13)

Покрај Ултра треил трката се одржаа уште трки на 31 и 18 километри.

OhridNews