Охриѓанецот Дејан Ангелоски доминатно со нов рекорд на патеката триумфираше на Планинарската трка „Титов Врв скајрејс“ која изминатиов викенд во организација на клубот „Македон“ се одржа на Шар Планина
Делницата од 20 километри Ангелоски ја помина за 2 часа и 39 минути. Второпласиран заврши Александар Кирковски (2:42) додека трет беше Атанас Анчевски (2:52). Кај дамите победи Елена Ртоска со нов женски рекорд, кој сега изнесува 3 часа 43 минути, а зад неа на подиумот финишираа Сања Најдовски (4:01) и Ивана Пекевска (4:15). Поради ситуацијата со вирусот Ковид -19 ограничен беше бројот на учесници и се натпреваруваа 47 вљубеници во планината, спортот и трчањето.
Ангелоски со освоеното прво место се закити со титулата македонски шампион и можност да учествува на планинарски трки на Европско или Светско првенство.
Скајранингот е екстремна форма на планинско трчање кое се одвива на надморска височина од над 2.000 метри, по исклучително стрмни и каменести терени. Овој спорт, кој започнува да се развива во алпските земји пред 30-тина година, денес доживува сè поголема популарност во светот со аспирации да стане и олимписки спорт. Федерацијата за планинарство на С.Македонија е полноправен член на Светската скајранинг федерација (ISF), а минатата година македонска репрезентација за првпат настапи на европското првенство во Италија.
OhridNews