Македонскиот двократен  шампион во планинско трчање, Дејан Ангелоски  со време од 4:34:58 во дисциплината SKY го освои 16 то место на Европското првенство во Skyrunning, кое се одржа во Португалија.

Од Македонската скајранинг репрезентација во дисциплината SKY во должина од 35 километри со 3500D, покрај Ангелоски учествуваа Александар Кирковски кој го освои  24 место со време од 5:13:59 и Марјан Бонев кој заврши на 29 место со време од 6:01:01.

Во најтешката дисциплина ULTRA со 65 километри и 6500D+ настапи Никола Илиевски, кој за жал мораше да се откаже на 42-риот километар. Надвор од рамките на европското првенство на отворениот старт на 35 километри настапи Димитар Тодоровски и ја заврши трката за 5:49:58 на 26 место во опен категоријата.

Присуството и претставувањето на Македонија на овие големи собири е примарна цел и големи честитки за целиот тим, а особено сме горди на нашиот најдобар тркач Дејан Ангелоски кој со само 21 година уште еднаш постигна исклучителен резултат и се носеше со некои момци од светската елита, велат од Македонската скајранинг репрезентација. 

Македонската скајранинг репрезентација по втор пат беше дел од европското првенство каде се претстави со четири натпреварувачи на првенството. На европскиот шампионат не настапи женскиот дел од тимот. Македонската репрезентација го даде  максимумот за што подобар индивидуален и тимски пласман, и со вкупно 102 бодови се пласираше на 11-то место од вкупно 20 репрезентации.

 

OhridNews